1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На југоисточна Европа итно и‘ требаат инвестиции

Емир Нумановиќ/бг27 ноември 2015

На југоистокот на Европа итно се потребни инвестиции. Ова е заклучокот на експертите на економскиот форум во Виена, кој се занимаваше со проблемот на стопанската соработка во регионот.

https://p.dw.com/p/1HDJv
Фотографија: AFP/Getty Images/A.-C. Poujoulat

На европското стопанство му се потребни големи реформи. Херберт Степиќ е уверен во тоа. Тој е задолжен за инвестиции во Југоисточна Европа во банката Рајфајзен. „Европа мора да размисли за своите високи даноци. Даночните стапки од 40 проценти можат да бидат фактор кои ги одбиваат инвеститорите и да ги натераат да одат на друго место, каде што даноците се пониски“, изјави тој на Виенскиот економски форум. Членови на форумот, покрај домаќинот Австрија, се и државите од Западниот Балкан, како и земји од средна и источна Европа.

Притоа, токму на југоистокот на Европа му се потребни инвестиции, и до нив мора да дојде без бирократски пречки за да може да се делува на ниво на целиот континент, а не само на ниво на ЕУ. Само на тој начин Европа може да остане конкурентна на меѓународен план и само на тој начин европскиот пазар е доволно голем за да му биде конкурентен на американскиот и азискиот. На тоа укажува и Ерхард Бусек, претседател на Форумот. „Во прв ред потребно е да се оствари размена и добри односи меѓу самите држави од тој регион, кои потоа, во пакет, би можеле да биде поврзани со ЕУ и така да придонесат за севкупниот стопански раст“, вели Бусек.

Во југоисточна Европа има повеќе сектори погодни за инвестиции. Експертите кои се собраа на форумот се едногласни во тоа. Тоа се првенствено инфраструктурни проекти, енергетскиот сектор, секторот на телекомуникациите и туризмот. На тој план е активна Европската банка за обнова и развој во која за регионот на Западниот Балкан е задолжен Холгер Муент.

Wien Ökonomie Forum VEF 2015 Holger Muent
Холгер МуентФотографија: DW/E.Numanovic

„Ние сме ангажирани на поврзување на тие држави со патишта, железница и на поврзување на електроенергетските системи. Токму минатата година во Македонија завршивме еден голем проект во железницата, на коридорот 8, кој го поврзува истокот и западот на Балканот“. Годинава се активни на сличен проект во Косово.

„Во однос на патните врски се надеваме дека до крајот на годинава ќе завршиме уште еден проект за изградба на коридорот 5Ц во БиХ“, вели Муент.

Подобра сертификација на производите

Овие коридори ќе се поврзат со важните европски коридори, што ќе ги приближи земјите од регионот до европските пазари. Но во принцип, се работи на тоа да се создаде простор на кој добро ќе функционира интерната размена на стоки и услуги. Експертите сметаат дека има простор и за подобрување на сертификацијата и регистрацијата на производите. Доколку некој производ има сертификат за Бугарија, нема причина да му биде потребен нов сертификат за Романија. Напредокот на тоа поле како и создавањето на добра политичка клима е задача која е на дневниот ред на т.н. Берлински процес, кој организира состаноци на политичките лидери и менаџери. Тие работат на подобрување на стопанските врски и привлекување инвестиции во земјите од Западниот Балкан.

Wien Ökonomie Forum VEF 2015 Erhard Busek
Ерхард БусекФотографија: DW/E.Numanovic

Некои фирми веќе профитираат од тоа. Подобрувањето на патните врски доведе до зајакнување на позициите на австриската пошта во регионот. Таа е во меѓувреме присутна во Хрватска, Словачка, Турција, Србија, Црна Гора и БиХ. Во тие држави оваа фирма има 17 илјади возила за испорака на пакети.
Се отвораат шанси и за фирмите од југоистокот на Европа. Подобрите сообраќајни врски и‘ одат од рака на бугарската фармацевтска компанија Софарма. Менаџерот на оваа фирма Огњан Донев вели: „Кога бевме мал производител имавме само 200 работници. Денес, кога сме активни и на полето на пружање медицински услуги, имаме 1.200 работници“. Софарма во меѓувреме префрли дел од производството во Украина, Србија и Белорусија.

„Решавачки фактор на успехот беше тоа што транспортот на нашите производи преку границите се одвиваше без проблеми“, вели Донев.

Сепак, еден проблем е и натаму присутен, дури и со подобрени сообраќајни врски и интензивирана стопанска соработка. „Европа едноставно има премногу граници“, вели банкарот Херберт Степиќ. Во интерес на сите Европејци би било кога тие не би биле пречка за стопанството.