1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема причина за славје

Бернд Ригерт Превод: СН12 август 2015

Атина доби време и пари за реформи. Остануваат сомневањата дека владата на Ципрас навистина ќе ги спроведе тие промени, бидејќи токму таа ја доведе Грција во оваа ситуација, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1GDSK
Фотографија: picture alliance/Photoshot

Вестите од Атина дека кредиторите и грчката влада се договорија за трет пакет финансиска помош, на прв поглед изгледа позитивно. Меѓутоа, причина за славење нема. Новиот договор всушност покажува оти сите не успеаја.

Имено, новиот пакет за помош тежок 86 милијарди евра за наредните три години, покажува дека предходните два пакета, како и отписот на долговите во висина од 330 милијарди евра, беа во целост неефикасни. Досегашните рецепти на Еврогрупата и ММФ никогаш не го постигнаа посакуваното дејство, а сега по трет пат се препишува истиот рецепт.

Може ли тоа да функционира?

На хартија се наведени далекусежни мерки за грчката држава и за даночните обврзници. Тие претставуваат збир од сите досегашни реформи во претходните 5 години кои неволно или воопшто не се спроведени. Како тогаш да се биде сигурен оти во наредните три години Грција навистина ќе спроведе реформи и тоа во уште полоша фискална ситуација? Цел е Грција по 3 години да може да ги опслужува сопствените долгови со кредити од слободниот финансиски пазар. Значи, целта не е номинално намалување на долговите, туку скромен економски раст за да се поправи односот на долговите кон Брутоопштествениот доход.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Кредиторите се откажаа од своите принципи

Третиот пакет за помош на Грција е документ за тоа дека сите механизми не успеаја и поради тоа што недостасува решавачкиот параграф: способноста да се отплаќаат долговите, која би требало да биде зацртана во договорот преку фондот за помош ЕСМ, едноставно е ставена во заграда. Еврогрупата ќе се сретне дури на есен за да разговара за тоа дали Грција некогаш повторно ќе постигне поднослив однос меѓу долгот и економската моќ на земјата. Поради тоа отстранување на горкото прашање од текстот на договорот, ММФ го откажа своето учество во третиот пакет за помош. Кредиторите, значи, не ги збија редовите. Може да се насети оти кредитите за Грција бесконечно ќе се зголемуваат. Во принцип се работи за отпис на долговите, само постапката ја нарекоа со друго име. Првиот и вториот пакет за помош имаа за цел Грција со сопствена сила, порано или подоцна, да почне да ги отплаќа сопствените долгови. Но таа цел не е постигната.

И покрај финансиската помош, Ципрас не успеја

Радикалната левичарско-десничарската коалиција на грчкиот премиер Алексис Ципрас доживеа колапс. Ципрас ја презеде перемиерската функција со ветувања дека веќе никогаш нема да дозволи Грција да добива пакети за помош, оти Тројката никогаш веќе нема да дојде во земјата и дека граѓаните нема веќе да бидат изложени на мерки на штедење. Тој сега постигна сосема спротивни резултати. Пред 5 недели, Грците на референдум го одбија курсот кој сега без збор се следи. Владејачката партија Сириза е поделена. Пред порти се нови избори. Останува големата загатка како е можно во таква ситуација да се спроведат нужните реформи.

Алексис Ципрас за време на преговорите за третиот пакет ги побрзуваше сите учесници бидејќи е соочен со постојана закана од државен банкрот. Тој предоцна сфати дека грчкиот излез од еврозоната, земјата ќе ја одведе во бездна. Во крајна неволја се согласи државната сопственост да им ја препише на кредиторите. Всушност, практично прифати се’, само побрзо да дојде до пари. Оправдан е сомнежот дека тој сите тие ветувања ги дава само да дојде до кредити, а треба да постои сомнеж и во тоа дека тој сите свои ветувања потоа и ќе ги исполни.

Последна шанса за опастанок во еврозоната

Грчкиот премиер сака да остане на власт и за таа цел ниту една промена на курсот не му е многу нагла. Не може да му се верува и атоа во договорот за третиот пакет финансиска помош за Грција се вградени дополнителни контролни механизми. Ќе се покаже дали тие се делотворни. Би требало да се присетиме дека до есента 2014. година ситуацијата во Грција беше таква што можеше да се помисли дека најлошото е веќе зад Грците. По промената на власта во Атина и неверојатно неодговорното тактизирање на Ципрасовата екипа, кое траеше во првите шест месеци од 2015 година, Грција се лизна во рецесија. Банките се пред банкрот, а дефицитот во државниот буџет расте. Билансот од тоа е потресителен.

Дали третиот пакет, чии услови во суштина не ги прифаќаат ни населението ниту владејачката партија, навистина ќе го донесе посакуваниот ефект, навистина останува под знак прашање. Единствено се доби во време. како тоа време ќе биде искористено? По постигнувањето на договорот доаѓа периодот на негово спроведување. Ако третиот пакет помош за Грција потфрли, ништо повеќе не ќе може да ја задржи Грција во еврозоната.