На трагата на 50 чувари во Аушвиц
6 април 2013Медиумската групација ВАЦ јавува дека Централната служба за расчистување на националсоцијалистичките злосторства со седиште во Лудвигсбург во текот на наредните недели ќе отвори предистражни постапки против 50 поранешни чувари во концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау. Обвинението гласи - пружање помош при убиство.
Раководителот на Централната служба, Курт Шрим, потврди дека истрагата има имиња и податоци за местото на живеење на осомничените. Тие живеат низ цела Германија и се на возраст од околу 90 години. Според Шрим, откако падна пресудата за Џон Демјанјук, чувар во логорот Собибор, за подигање обвинение е доволно ако лицето извршувало каква било задача во некој концентрационен логор.
Демјанјук во 2011 година беше осуден за пружање помош при убиство во 20.000 случаи. Тој од судот во Минхен беше осуден на пет години затвор.
Централната служба за расчистување на нацистичките злосторства постои од 1958 година. Оттогаш се водени вкупно 7485 истражни постапки.
Концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау (на фотографијата горе влезот во логорот) беше во периодот од 1942 до 1945 година најголем германски концентрационен логор. Во него нацистите убија околу 900.000 Евреи во гасни комори, а околу 200.000 други беа убиени од страна на СС-силите или починаа од глад.