1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270911 Slowenien Euro-Rettungsschirm

27 септември 2011

Словенечкиот парламент денеска (27.09) треба да гласа за проширување на таканаречениот чадор за спас на еврото. Дали одлуката ќе биде позитивна е неизвесно. На граѓаните сега не им е многу до солидарност.

https://p.dw.com/p/12h9N
ЉубљанаФотографија: AP

Пред три години тоа тешко кој можеше да си го замисли - токму Словенија, некогашниот „ученик за пример“ меѓу новите евро-земји, се наоѓа во длабока политичка и економска криза. Државното задолжување од 2008 година се зголеми од 22 на 45 проценти, претпријатијата банкротираат, а невработеноста е двојно зголемена. Во петокот (23.09.), рејтинг агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на земјата. Тоа, како што оценува финансискиот експерт Мојмир Мрак, не е изненадување:

„Со намалувањето на рејтингот дефинитивно сме истуркани на маргините на еврозоната. Кога во ситуации во кои што мора да се дејствува, не се презема ништо, тогаш тоа е како да се спуштате од планина директно кон некоја карпа. Кого ќе го зачуди тогаш ако со главата удрите во карпата?“

Borut Pahor
Досегашниот премиер Борут ПахорФотографија: AP

Мрак ги критикува своите сонародници. Иако структурните реформи се неопходни веќе долго време, Словенците на референдуми блокираа важни прашања, како зголемувањето на границата за одење во пензија. Премиерот Борут Пахор со своите реформски напори удираше во ѕид на отпор, што е и една од главните причини за неизгласувањето доверба за неговата влада во парламентот, пред една недела.

Неизвесен исход од гласањето

Токму во ваква ситуација сега пратениците во Националното собрание во Љубљана мора да носат одлуки за помош за други држави во криза. На дневен ред е проширувањето на чадорот за спас, што за Словенија значи зголемување на гаранциите од две на 3,7 милијарди евра. Комисијата за финансии минатата недела веќе даде зелено светло, но одлуката беше донесена  со тесно мнозинство - седуммина членови гласаа „за“, а шестмина „против“.

Der Slovenische Premierminister Janez Jansa
Јанез Јанша води во анкетите, а неговата СДС е против проширување на чадорот за спасФотографија: AP

Дали и парламентот исто така ќе каже „да“ е неизвесно, зашто по падот на владата на Пахор, партиите се обидуваат да се позиционираат за новите избори. Најголемата опозициона партија, конзервативната СДС, е против зголемување на гаранциите. Нејзиниот фронтмен Јанез Јанша, во анкетите пред изборите се наоѓа на прво место. Сепак, Митја Гаспари, се надева на позитивно изјаснување на парламентот. Тој е министер за развој и за европски прашања, а порано беше на чело на словенечката Национална банка:

„Ако парламентот тоа го отфрли, тогаш ќе мора да преземе и целосна одговорност за ваквиот чекор“, вели тој.

Самоизлоација

Со блокада Словенија би се изолирала во Европа. До таму не смее да дојде, предупредува колегата на Гаспари, министерот за финансии Франц Крижанич:

„Ние сме дел на заедничкиот европски пазар и ја делиме судбината на тој пазар. Тоа значи дека нашиот развој е тесно поврзан со европскиот.“

Пратениците треба да решаваат за чадорот за спас, кој сега треба да и‘ помогне пред се‘ на Грција, но се чини дека веќе не е исклучено еден ден и Словенија да мора да бара заштита од истиот чадор.

Автор: Тим Герит Келер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Реактор: Горан Чутаноски