1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Консензус како и на што ќе се трошат јавните пари

Костадин Делимитов11 декември 2015

Претераното субвенционирање на одредени сегменти во стопанството може да има и спротивни ефекти. Бизнисмените апелираат државата да престане за некого да биде мајка а за некого маќеа.

https://p.dw.com/p/1HLzb
Фотографија: picture alliance/blickwinkel/McPHOTO

Македонија мора да изгради општествен консензус врз чија основа ќе се базира интервенционизмот на државата во економијата. Актуелните мерки преку кои со народни пари се поттикнуваат делови од стопанството но и се субвенционира странскиот капитал се повеќе го гушат приватниот бизнис. Експертите и бизнисмените се согласни дека поттикнувањето на одредени делови на економијата може да помогне во услови на криза, но предупредуваат од негативни ефекти доколку тоа се прави прекумерно и без сериозна стратегија:

„ Мислам дека некој посакува после дефинирањето на Македонија како држава во која треба да владее слобода на пазарот и во услови кога капитализмот е нашата одредница, користејќи го огромниот буџетски капацитет кој се создаде во државата да влијае на овие процеси. Интервенционизмот на државата во мали економии е секогаш присутен но многу важно е да се дефинираат правилата и да се има прецизна стратегија каде одат тие средства. Кај нас ниту деловната заедница ниту нашето општество е свесно на краток рок или подолгорочно во кои сектори државата е подготвена да инвестира, каде да ги потроши парите и вишоците во буџетот и дали притоа ќе биде транспарентна и подеднаква или ќе го наруши базичниот со устав гарантиран пристап за слобода на претприемништвото и рамноправноста пред законот и државата. Токму затоа треба да се фокусираме на начинот на кој државата го употребува интервенционизмот, кои се секторите и на кој начин таа треба да ги најавува и подготвува за да знаеме ние како деловна заедница каде и како да се поставиме. Она што досега се правеше е државата беше за некого мајка а за некого маќеа и тоа е страшен проблем за деловните субјекти“, предупредува Антони Пешев претседавач на Собранието на Стопанската комора.

Symbolbild Neuverschuldung
Фотографија: ferkelraggae - Fotolia.com

Освен капиталните инфраструктурни проекти најголеми ставки во буџетот на име поддршка или интервенција се во земјоделството и странските инвеститори. Но она што боде очи кај бизнисмените е што и покрај огромната поддршка земјоделството го намалува учеството во бруто домашниот производ:

„Субвенциите во земјоделството изнесуваат 130-140 милиони евра, но за странските инвеститори не можеме прецизно да одредиме колкави се бенефициите бидејќи тие средства се водат под ставките на разни трансфери. Оттука се поставува дилемата дали е потребна и ревизија на овие две големи ставки бидејќи од една страна учеството на земјоделството во БДП опаѓа, а една од најголемите слабости на странските инвеститори е што многу малку с еповрзуваат со домашните компании. Немам дилеми дали државата треба да интервенира, но треба да се види каде навистѕина се потребни тие ограничени средства“, смета Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Искуството со странските инвеститори според Пешев води кон неминовна сериозна реформа во делот на ревиозијата на таргетите за потребите на државата, посебно во делот на работната сила:

„Со политиката на странски инвестиции направивме една добра работа, го зголемивме извозот но и една лоша, го деградиравме човечкиот потенцијал на работната сила на која можеме да сметаме во иднина. Сите овие години форсирајќи ја политиката на работни места со мала додадена вредност на кои се финансира само нето вредноста на платата направивме ситуација во која нашата високо едуцирана работна сила за која потрошивме значајни средства ја напушта државата.“, предупредува Пешев

За експертската јавност нема дилеми дека државниот интервенционизам е потребен, но тој ќе има ефект само доколку правилата на игра, отчетност и контрола однапред се утврдат:

„Првата работа што треба ние да ја направиме е да постигнеме еден општествен консензус за тоа во какво општество сакаме да живееме, кога ќе го направиме тоа ние ќе го димензионираме интервенционизмот на државата во нормални околности. Ние таков консензус се` уште немаме направено. Светска банка има 4 области во кои една држава треба да инвестира за да постигне економски раст и да обезбеди работни места. Образование, здравство, инфраструктура и енергетика. Меѓутоа не е проблемот решен ако утре државата рече дека во сите тие ќе вложиме по 200 милиони евра. Прашањето е имаме ли ние консензус, сме се договориле ли како држава дека имаме вградени параметри за ефикасноста во трошењето на парите? Вие можете да купите компјутер за секое дете, тоа е добро но мора да измерите квантитативно каков ефект очекувате од таа мерка. Истото важи ако сакате да градите музеи, или на пример во здравството сме купиле машини кои стојат распакувани, која е ефикасноста од таа инвестиција, тука е принципиелно прашањето. Ако државата инвестира да направи бизнис пла, како ќе се враќаат тие пари, че се земе кредит но како ќе се враќа. Затоа државата треба најпрбин да се ослободи од тоа дека животот трае 4 години колку што трае политичкиот живот и да сфати дека има работи кои се поважни од политичкиот циклус. Ние треба да се договориме во кој правец како општество треба да се развиваме и да повлечеме една црвена линија и дека под таа нема да се менува ништо“, смета економистот Зоран Јованосвки.

За дел од експертската јавност е клучно во услови кога преовладуваат таканаречените мешани економии каде покрај пазарот влијае и државата да се внимава на правилата на игра и нивниот квалитет:

„Квалитетот на државната интервенција, на пример дали овие регулаторни институции се независни од извршната власт и политичкото влијание. Од една страна не треба да потклекнуваат на притисоци од политичката сфера, а од друга треба да одолеат на притисоците од фирмите и разните бизнис лоби групи кои се дел од тој регулиран сектор. Значи прво е независноста, второ транспарентноста во функционирањето и отчетноста. Денес, кога зборуваме за државна интервенција треба да видиме дали таа е базирана врз здрави принципи и дали навистина се идентификувани секторите каде што е потребно мешање на државата“, смета универзитетскиот професор Владимир Филиповски.

Експертската, но посебно бизнис заедницата во Македонија веќе одамна предупредува на нееднаков третман од страна на државата. Клучното барање на стопанствениците е да се изедначат правилата на игра, посебно со оние кои важат за странските инвеститори. Овие компании добиваат низа даночни олеснувања и ослободувања но и сериозни средства за поддршка во делот на инфраструктурата и платите на работниците. Отуука се чини и со право се предупредувањата но и загриженоста кај дел од експертската јавност дека форсирањето на оваа политика може да предизвика долгорочни последици врз даночниот систем но и одржливоста на пензиските фондови.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема