1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Косово нема напредок

Избор: дв/Ж.Ацеска2 октомври 2014

Германските медиуми пишуваат за косовската политичка криза што би можела да доведе до одржување нови избори, а го анализираат и односот меѓу германскиот екс-канцелар Герхард Шредер со рускиот претседател Владимир Путин.

https://p.dw.com/p/1DOy6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јасно мнозинство, но нејасен однос на силите: поминаа 16 недели од изборите на Косово, а уште не е формирана влада. Денеска (02.10.2014) беше одложен повторно обидот парламентот да избере претседател. Ако тоа наскоро не успее, на Косово му се заканува одржување нови избори, пишува весникот „Франкфуртер рундшау“:

„До денеска остана стабилно мнозинство формирано по изборите на 8 јуни, а кое го сочинуваат четири партии: Демократската лига под водство на Иса Мустафа, Алијансата за иднината на Косово со Рамуш Харадинај на чело, како и партиите Иницијатива и Самоопределување. Овие четири партии заедно имаат 63 од 120 места во Парламентот. Тие меѓусебно ги поделија функциите: Мустафа би требало да биде претседател на Парламентот, а Харадинај-премиер.

Мустафа всушност е избран, но Уставниот суд го поништи неговиот избор поради одредбата според која „најсилната пратеничка група“ има право да го именува кандидатот за претседател на Парламентот. Најмногу гласови на изборите доби Демократската партија на Хашим Тачи, таа има и најголем број пратеници, вкупно 37, но тие не се мнозинство.

Заострување на спорот меѓу пратеничките групи

Судирот меѓу политичките партии на Косово се‘ повеќе се заострува. Приватизацијата, најавена за наесен мораше да биде одложена, а првите инвеститори веќе се заканија со свое повлекување. Стагнира спроведувањето на историксиот договор со Србија, потпишан во април минатата година. Алијансата од четири партии го обвинува Тачи и неговата партија дека го користи преостанатото време за членовите на својата партија да ги именува на функции и да се потпишат договор со фирми блиски до него. Тие ја критикуваат и улогата на меѓународната заедница на Косово. Од девет судии на Уставниот суд, тројца од нив, кои се странци, ги номинираше претставникот за Косово, Холанѓанецот Питер Фејт. Судот досега речиси секогаш донесуваше одлуки во корист на владата на Тачи.

Политички разлики меѓу партиите тешко можат да се најдат. И Тачи и Харадинај беа водачи на Ослободителната војска на Косово, УЧК, и двајцата имаат врски со криминализираните тајкуни и и на двајцата им беа докажани врски со организираниот криминал. Во случај четворката собрана околу Харадинај да се пробие, на Косово му се заканува политичка криза. Ако националистичкото движење Самоопределување под водство на Албин Курти влезе во власта, партијата на српското малцинство ќе оди во опозиција. Косово, по Молдавија, е втора најсиромашна земја во Европа, по што следат БиХ и Албанија“, пишува „Франкфуртер рундшау“.

Putin Schröder
Владимир Путин и Герхард ШредерФотографија: AP

Шредер го разбира Путин и помалку лобира

Овде не се работи за кризата во Украина, туку за стопанство, изјави социјалдемокератскиот покраински премиер на Мекленбург Предна Померанија, Ервин Селеринг. Во неговата покраина, поточно во Росток, вчера (01.10.2014) беше одржан т.н. Ден на Русија, на кој се собраа стопанственици, заинтересирани за добрите односи со Русија.

За тоа долго се дебатираше, Партијата на зелените протестираше, како и дел од владејачките христијански демократи, протестираше и полската влада, но Денот на Русија беше одржан. И-беше полно: 450 гости, над сто шефови на фирми, чии зделки делумно зависат од германско-руската соработка и се намалуваат во време на санкции. Рускиот амбасадор Владимир Грињин ги потсети домаќините( и германската јавност), дека 350.000 работни места во Германија зависат од соработката со Русија. Ѕвезда на денот беше бившиот германски канцелар Герхард Шредер, кој по повлекувањето од политичкиот живот лобира за руското стопанство. Тој е и шеф на Надзорниот одбор на Северен тек. Неговата главна порака е- со Москва треба да се одржува дијалог наместо да се оди на конфронтација.

Печатот е полн со критики:

Ако германското стопанство може само да одбере канцелар, тогаш тоа веројатно би бил Шредер. Дури и денес, или посебно-денес“, пишува влијателниот стопански весник „Ханделсблат“. Весникот наведува дека Шредер пожнеа аплаузи на стопанските моќници на кои санкциите им носат финансиски штети.

„Шредеровата критика е оправдана, но и евтина. Зашто, тој не мора своите говоранции да ги преточи во реална политика, ниту вистински нуди реално-политичка алтернатива“.

„Рајнише пост“ пишува дека треба да се има почит за личното пријателство меѓу Шредер и Путин, како и за изјавата на Шредер дека се обидува да ги разбере руската политика и народот.

„Но, кај него преминот меѓу разбирање и одобрување е премногу магловит. Мотото е: Путин не може да направи ништо лошо, само нашите реакции можат да бидат лоши. Може ли Шредер, некогаш политичар од голем калибар, воопшто да биде сфатен сериозно кога и ден-денес тврди дека Путин е чист демократ, став кој првпат го изнесе пред неколку години. Зашто, Шредер е бивш канцелар, неговите зборови уште имаат тежина. Тоа би требало да го повика на воздржаност. Да не го споменуваме и судирот на интереси поради положбата на Шредер во руската индустрија за гас“, заклучува „Рајнише пост“.