1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Балканот, сите се оградуваат од Грција

ДВ/К.К.10 јули 2015

Дали пристапот на Србија и Албанија кон ЕУ има навистина перспектива? Меркел дава позитивен одговор. Тоа не е малку кога многу сметаат дека ЕУ премногу се преоптоварила со Романија и Бугарија. пишуваат германски весници

https://p.dw.com/p/1Fwc0
Фотографија: Reuters/A. Bronic

„Помина времето кога Балканот беше на врвот на агендата на ЕУ. Меѓутоа, патувањето на германската канцеларка во Албанија, Србија и БиХ ни покажува со колку предизвици се соочува овој дел од континентот. Предизвици пред кои стои и ЕУ“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и потсетува дека тоа пред се‘ се бегалците и мигрантите. Новинарот на овој весник, Рајнхрард Весер во текстот под наслов „Балкан“, исто така смета дека оној кој се надева дека со повеќе ангажман во азиските и африканските земји можно е побрзо изборување против причините за бегство на населението, најдобро може да се увери преку примерот на Балканот: „Таму ЕУ веќе 20 години поддржува политички и економски реформи обидувајќи се да ја подобри ситуацијата. Успесите се мали иако ЕУ, како никаде во светот, има можност за директно влијание.“

Последната станица од посетата на канцеларката покажува колку Европа е се‘ уште важна како мировен проект. Геноцидот во Сребреница покажува дека мирот во Европа не може да се смета како нешто очигледно. Тоа истото сега на Европјаните се случува во Украина“, пишува меѓу другото во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Европските сонови на Балканот“, е насловот на текстот во весникот „Ди Велт“, во кој Робин Александер пишува дека Ангела Меркел на Албанија и Србија им дала надеж за членство во ЕУ. Тој исто така ја пренесува изјавата на Ангела Меркел и нејзините домаќини во Белград и Тирана и на крајот на текстот напоменува дека канцеларката на крајот на своето патување по Балканот можела да предвиди што би можело да му случи на Балканот без европските перспективи.

„Дали пристапот на Србија и Албанија кон ЕУ има навистина перспектива? Меркел дава позитивен одговор. А тоа не е малку во време во кое многу сметаат дека ЕУ премногу се преоптеретила со Романија и Бугарија. Идејата дека не ја сакаме Албанија во ЕУ затоа што тука живеат муслимани, а кај нас повеќето се христијани, потполно е погрешна. Религијата не е критериум за пристапот во ЕУ? Тоа нема да и‘ се допадне на германската Христијанско-социјална унија, ниту пак на ЦДУ. Меркел Европската унија ја дефинира како заедница на вредности, а тие вредности ги сфаќа универзално: човековите права може да ги почитува и оној кој пораснала со Куранот.“

„А што е со буџетската дисциплина? Како црн хумор од некоја американска серија, домаќините на канцеларката цело време се оградувале од Грците: Не бараме ниту подароци, ниту попуст, вели премиерот на Албанија, Еди Рама. Грција е наш пријател, но економски одиме по друг пат кој ќе биде поуспешен, вели премиерот на Србија, Александар Вучиќ.“

„А како би изгледал Балканот без европска перспектива, Ангела Меркел најдобро можеше да види во БиХ. Во БиХ во најмала рака не можат да се договорат околу еден претседател. Поради тоа канцеларката мораше да се состане со тројца членови од Претседателството на БиХ. Нивната земја е единствената која ја посетила германската канцеларка, а која нема статус на кандидат за членство во ЕУ и тоа поради што тие постојано меѓусебно се расправаат“. пишува меѓу другото во весникот „Ди Велт“.

„Западниот Балкан е регион во кој конфликтите се испреплетени на повеќе нивоа одошто шините на железничката станица во Берлин“, пишува „Зиддојче цајтунг“. Авторот на текстот Нико Фрид исто така го истакнува мултиетничкото и мултирелигиозно општество, социјалистичкото минато во поранешна Југославија, „комунизмот од каменото време“ во поранешна Албанија и по распадот на поранешните државни структури во Југославија, крвавата војна и социјалното разединување. „Додека во разговорите на германската канцеларка во среда доминирале напори и напредок, во четврток доминираше стагнација. „Самиот факт дека Меркел во текот на посетата на Сараево се состанала со тројца членови од претседателството јасно покажува на проблем во БиХ. Етничките групи само на хартија ја прават државата. Хрватите и Србите често се закануваат со одделување. Звучи скоро молежливо кога претседателот на претседателството на БиХ ’наспроти сите конфликти и потешкотии’ ја замолил Меркел ’да остане на нивна страна’“, пишува меѓу другото „Зиддојче цајтунг“.

Во коментарот под наслов „Помирувачот“, новинарот Михаел Мартенс во весникот „Франкфуртер алгемајн цајтунг“ пишува; „Кога српскиот премиер Александар Вучиќ во четвртокот во Белград се прости од германската канцеларка, за српските медиуми еден детаљ претставуваше загатка за која уште долго ќе си ги ’кршат’ главите. Пред доаѓањето на Ангела Меркел во средата, српските медиуми објавуваа мали лекции за боите: Во Атина носела зелено сако, кај Барак Обама - кафеаво, во Азија црвено, додека на помалку важните состаноци носи виолетово или бело, затоа што ја носи пораката на мирот - како што според сопствени извори истражувал еден српски колумнист. Тој напишал дека таа носи сина боја кога ситуацијата е сериозна, додека зелената укажува на мир и опуштеност.“

„Но, кога се простуваше со Вучиќ, канцеларката на себе носеше тиркизна боја, а неа белградските шарени шпекуланти не ја предвидеа. Што требало тоа да значи? Дека Вучиќ не го сфаќа сериозно? Или пак тоа е, напротив, знак дека го цени 16 години помладиот српски премиер кој е роден во Белград во 1970 година? Кон сите овие проценки на белградските списанија, тиркизната боја значи дека Берлин во преговорите за пристап во ЕУ пред Србија нема да става нови препреки.“

Авторот наведува дека тоа се поклопува и со пофалните зборови кои Меркел ги упатила за политиката на Вучиќ. Тој пренесува дека Вучиќ успеал да протурка многу реформи откако од ултранационалист станал прагматичар, и дека внимателно води сметка за привлекување на странски инвеститори во Србија.

Планираното заминување на Вучиќ во Сребреница според авторот е една од најголемите проби за српскиот премиер: „Поранешен националист, кој некогаш, меѓу другото и како министер за информации во Владата на српскиот воен поттикнувач Слободан Милошевиќ, даваше одвратни изјави, ќе патува во Босна, за да учествува на комеморацијата по повод 20 години од масакрот во Сребреница. Таму се очекува и турскиот премиер Ахмет Давутоглу (...) И додека Вучиќ се осудува да оди во Сребреница, местото на српскиот срам, Давутоглу ниту по 100 години од османскиот геноцид над Ерменците не можеше да отпатува во Ереван. На Балканот не е се‘ само застој - и токму Вучиќ во тоа има своја заслуга.“

Deutschland Bosnien Bundeskanzlerin Angela Merkel zu Besuch in Sarajevo
Фотографија: DW/S. Huseinovic