1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најбогата терористичка организација во светот

С.Недевски/ард11 септември 2014

Терористичката група Исламска држава контролира големи територии во Ирак и во Сирија,а има и голем прилив на пари. Средствата доаѓаат од продажба на нафта. За да се порази ИД мора да ѝ се одземат освоените нафтени полиња

https://p.dw.com/p/1D9wh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Колку пари добива терористичката организација Исламска држава (ИД) од продажбата на нафта може само да се шпекулира. Најважниот финансиски извор на Исламска држава сѐ до почетокот на август се состоеше од (вкупно десет) освоени нафтени полиња на истокот на Сирија и седум нафтени полиња и една рафинерија на северот на Ирак.

Во нормални околности Исламска држава (ИД) би била во состојба, според проценките на Брукингс институтот со седиште во главниот грас на Катар-Доха, само со ирачките нафтени ресурси да достигне производство од 80.000 барели на ден. За споредба: пребогатиот султанат Брунеи има речиси двојно поголемо производство на нафта. ИД со помош на локални посредници, трговци и производители, е во состојба да преработи и продаде само дел од достапната нафта - и тоа по многу помали пазарни цени од моментално важечките 100 долари за барел нафта.

## Брукингс институтот проценува оти ИД на секој барел нафта кој го продава на црниот пазар, заработува меѓу 25 и 60 долари. „Нив ги поддржуваат разни картели, кои се заинтересирани за трговија на црно и нелегални бизниси“, изјави за американската телевизија Си-Ен-Ен, Лај Катиб од истоимениот институт во Доха. „Тука станува збор за добро организирана мрежа, која се протега на територија на три држави“, вели Катиб.

Тие три држави се Сирија, Ирак и Турција. Бидејќи тука станува збор за трговија со готовина, нема прецизни информации за тоа колку пари точно се во игра.

Приходи од „даноци“ и „рекетирање“

За разлика од другите терористички организации, ИД располага со сопствена територија, која зафаќа една третина од Сирија и една третина од површината на Ирак со неколку милиони жители кои таму живеат и плаќаат рекет и даноци. Само во Мосул, втор по големина град во Ирак, кој терористите на ИД го освоија во јуни, се собира т.н. данок во висина од 8 милиони долари месечно. Тоа го напиша либанската новинарка Мона Алами во една студија за фондацијата Карнеги.

Со кражби и продажба на археолошки предмети и примероци од голема вредност во касата на ИД дополнително се влеваат двоцифрени милионски износи. Годишните приходи на ИД, како што наведува Мона Алами во студијата за фондацијата Карнеги, би можеле да изнесуваат од 1,4 до 1,5 милијарди долари. Најголемиот дел од овие средства доаѓа од продажба на нафта.

ИД има и големи трошоци

Islamischer Staat Propaganda
Фотографија: picture alliance/abaca

Но ИД, организацијата која сее терор и страв, има и огромни трошоци. Покрај издржувањето на 50.000 борци и трупи кои ги снабдува, дополнителни средства ги чини и опсадата на терориите кои ги освоија. Во Рака, на истокот на Сирија, кој неофицијално е прогласен за главен град на Исламска држава, пред војната живееја над милион луѓе. Имаше болници и училишта и инфраструктура, која е сега главно уништена и во поголем дел не е во функција.

Само за сириските области, кои ги освои ИД, владата на Асад во буџетот за 2014. планираше трошоци од 8 милијарди долари, и тоа само за плати, субвенции за храна и бензин. И на ирачка страна станува збор за слични трошоци.

ИД финансиски може да се уништи само ако и’ се одземат освоените нафтените полиња и тоа едно по друго. На 28. август на ирачките и на курдските трупи им успеа да повратат две нафтени полиња на северот на земјата. Се проценува дека ИД со тоа загубила 15.000 или 20.000 барели на ден. А тоа значи петтина од вкупниот приход од продажбата на нафта.