1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најавена нова резолуција до Конгресот на САД за прием на Македонија во НАТО

ЕМФ/миа5 април 2014

Кендис Милер, американска конгресменка која претседава со групата за пријателство со РМ, најави нова резолуција за поддршка на приемот на Македонија во НАТО.

https://p.dw.com/p/1BcQ1
Фотографија: Getty Images

Новата резолуција до американскиот Конгрес, како што се вели, треба да биде претставена наскоро. Резолуцијата доаѓа по писмото кое 40 конгресмени го упатија до државниот секретар Џон Кери, со барање за прием на Македонија и Црна Гора во алијансата, на самитот во септември. Во соопштението на конгресменката Кендис Милер објавено вчера, по повод најавата на новата резолуција, се вели:

„Македонија беше една од првите земји кои ѝ понудија на САД поддршка по нападите на 11 септември, лојален и ефикасен член на меѓународните безбедносни напори и е повеќе од достоен кандидат за членство во НАТО. Од 1993 година, Македонија беше посветена на приемот во НАТО и нејзините војници служат заедно со војниците на НАТО на војните полиња низ светот. Тоа е горда нација која ги дели нашите вредности и посветеноста кон слободата и демократијата. Затоа, како претседавач со Групата за Македонија и македонските Американци во Конгресот, истакнувам дека Македонија придонесла и придонесува кон НАТО и силно го поддржувам нејзиниот прием во меѓународните безбедносни организации“, пишува во соопштението на конгресменката Кендис Милер.

Милер, републиканка од Мичиген, неодамна се обрати на собир во Конгресот, организиран за промовирање на кандидатурата на Македонија, Црна Гора, Босна, Грузија и Косово за прием во НАТО, односно за отворање на процесот МАП и прием во програмата Партнерство за мир. Повиците за реактивирање на проширувањето на НАТО зачестија во САД по почнувањето на кризата во Украина.