1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО ќе обучува ирачки војници, но отворени се прашањата каде и под чија команда?

31 јули 2004

Државите од НАТО синоќа, по повеќедневни расправии, конечно се договорија веднаш да се започне со акција за обука на ирачки сили за безбедност.

https://p.dw.com/p/Ad7r

Жилавите преговори траеја три дена, со постојани прекини, но неизбежно беше постигнување согласност, зашто шефовите на држави или на влади на земјита на НАТО на последниот самит во јуни во Истанбул начелно заклучија Алијансата да помогне во обуката на ирачки сили за безбедност. Спорен беше само начинот како да се реализира заклучокот. Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер синоќа искажа олеснување: веќе во наредните денови прв тим-претходница би можел да патува за Багдад за да испита каде и во колкав обем би можеле ирачки војници да бидат тренирани од НАТО. Дел од договорот е до 15-ти септември претходницата да му поднесе извештај на Советот на амбасадори на НАТО.

Во изјавата објавена на крајот од долгите преговори Генералниот секретар на Алијансата подвлекува дека со обуката може да се помогне како во Ирак, така и надвор од неговите граници. Тоа ја одразува линијата на фронтот во рамките на НАТО по ова прашање, поради што и толку се оддолжија преговорите. Имено, Франција, Германија и Белгија не сакаа самите активно да дејствуваат во Ирак, оценувајќи еден таков ангажман како дополнителна поддршка на таканаречената “коалиција на доброволните” околу САД и Велика Британија. Посебно Франција тука гледаше директна врска. Другите држави на НАТО, кои се веќе дел од мултинационалните сили во Ирак, немаат проблем со тоа да тренираат ирачки војници во нивната земја.

До последен момент беше спорно и тоа, во каков однос стои мисијата на НАТО спрема мултинационалните сили и со тоа спрема командните структури на американските оружени сили. Тој конфликт практично е поместен за понатаму. Повторно Французите најмногу се спротивставуваа на американски командант, што би претставувало тесно поврзување на единицата на НАТО со поранешните окупациони трупи. Најновиот заклучок на НАТО предвидува блиска координација на активностите, но свесно го остава отворено прашањето на командните структури.

Генералниот секретар на НАТО во изјавата нагласува дека сојузот сега дава свој придонес кон заедничката цел на меѓународната заедница – да му се помогне на Ирак за самиот да се грижи за мирот и безбедноста. Но, јасно е дека со ова решение НАТО официјално ќе демонстрира свое присуство во Ирак.