1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО: Руски трупи и натаму на границата со Украина

СН/ртр/дпа/миа/афп1 април 2014

Русија според наводите на НАТО, досега не го спровела во дело најавеното повлекување на нејзините трупи од границата со Украина. Знаци за такво нешто нема, велат во Алијансата.

https://p.dw.com/p/1BZcO
Фотографија: Getty Images

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмунсен изјави денеска дека според податоци на Алијансата, не е регистрирано повлекување на руски војници од украинската граница.

„ Не можам да потврдам дека се повлекуваат, не гледаме такво нешто“, изјави тој во одговор на прашање пред почетокот на дводневното заседание на министрите за надворешни работи на членките на НАТО.

„Тие армиски сили не придонесуваат за смирување на ситуацијата на начин кој е адекватен. Одново ги повикувам Русите да се повлечат, да се придржуваат до меѓународното право и да почнат дијалог“, изјави Расмунсен. Тој истакна дека најдобриот начин за напредок во украинската криза е политичкиот и дипломатски дијалог. Рускиот претседател Владимир Путин вчера во телефонски разговор ѝ соопштил на германската канцеларка Ангела Меркел дека наредил делумно повлекување на трупите од границата со Украина. Осврнувајжи се на денешните изјави на Расмусен, канцеларката појасни дека таа можела да го прифати само тоа што Путин ѝ го кажал. Згора на тоа, рече Меркел, делумното повлекување не смее да биде последен чекор, зашто концентрацијата на руски трупи на украинската граница е многу голема.

САД вчера претпазливо реагираа на украинските и руските информации за повлекувањето на дел од руските трупи. Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгл изјави дека не може да ги потврди тие информации, но истакна дека тоа би било неопходна етапа на патот кон сериозни разговори за смирување на ситуацијата.

Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО на состанокот во Брисел меѓу другото разговараат и за суспендирањето на соработката меѓу Алијансата и Русија поради украинската криза која избувна откако Русија го припои украинскиот полуостров Крим.