1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО не им помага на бегалците во Средоземното Море

6 август 2011

По последната бегалска трагедија во Средоземното Море, Италија бара објаснување од НАТО, оти постојат обвинувања дека брод на НАТО одбил да им пружи помош на стотици бегалци. ЕУ е загрижена.

https://p.dw.com/p/12CHo
Фотографија: AP

„Би сакала да подвлечам, дека сите бродови се обврзани, да им помогнат на оние кои се во нужда - без оглед на нивната националност, статус или околности во кои се наоѓаат“, изјави комесарот за внатрешни работи на ЕУ Сесилија Малмстром.

Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини појасни дека постои обврска да се спасат цивилите во безизлезна ситуација, кои бегаат од режимот на Моамер ел Гадафи во Либија. Истовремено Фратини побара истрага за бегалската драма која заврши фатално за повеќе лица. Италијанскиот министер апелираше до НАТО да го прошири мандатот во Либија и за спасување на луѓе, кои се во бегство преку морето.

Преживеани бегалци од еден хаварисан брод кој тргнал од либискиот брег информираа, дека околу 100 бегалци починале, прегладнети и жедни. Нивните тела биле фрлени во морето.

Новинската агенција Анса информира дека владата во Рим побарала помош од НАТО за спасување на бегалците, откако кипарски брод ги информирал италијанските власти дека пред островот Лампедуза се наоѓа брод со бегалци. Воен брод на НАТО, кој се наоѓал на околу 30 морски миљи од местото каде што бил лоциран бродот со бегалците не реагирал, по што акцијата ја спровела италијанската крајбрежна стража. Бегалците тргнале од место источно од Триполи бегајќи од граѓанската војна во Либија. На бродот долг 20 метри се наоѓале повеќе од 300 луѓе.

На патролни бродови на НАТО кои во Средоземното Море го контролираат ембаргото за Либија, досега неколкупати им се префрлува дека не пружиле помош при спасување на бегалци. Портпарол на НАТО соопшти дека Сојузот соработува со италијанските власти за расветлување на случајот.

Според ОН од почетокот на либискиот конфликт во март годинава, најмалку 1500 бегалци го загубиле животот во обидот за бегство преку Средоземното Море.

Автор: АТ/ дв/ афп/ дпа /епд/ дапд

Редактор: Борис Георгиевски