1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро договор меѓу Словенија и Хрватска?

23 април 2009

По низа состаноци кои еврокомесарот за проширување Оли Рен ги одржа со претставниците на Словенија, Хрватска и ЕУ- Тројката во Брисел, се наѕира договор околу деблокада на хрватските преговори со ЕУ во скоро време.

https://p.dw.com/p/HcSS
Еврокомесарот Оли Рен го предложи решениетоФотографија: AP

Последниот предлог на еврокомесарот за проширување Оли Рен за решавање на хрватско-словенечкиот пограничен спор, предвидува дека границата на копно и на море ќе ја одреди Aрбитражен суд според принципите на меѓународното право, а излезот на Словенија на отворено море да се темели врз начелото на правичност, добрососедство и според меѓународното право. Арбитражниот суд би имал пет члена. По еден член би именувале Хрватска и Словенија, а трите останати членови двете земји заедно. Доколку Љубљана и Загреб не можат да се договорат околу тоа, тројцата судии би ги именувал претседателот на Меѓународниот суд на правдата.

Kroatien im Gefolge der Türkei
Хрватска очекува деблокада на преговоритеФотографија: AP

„Предлогот на Оли Рен кој има силна поддршка од претседателската тројка на ЕУ, е добра основа за изнаоѓање решение. Со овој предлог, во голема мера се уважени познатите хрватски ставови, значи одвојување на билатералниот процес од преговарачкиот, деблокада на хрватските преговори и решавање на пограничното прашање во согласност со меѓународното право пред меѓународно тело. Постојат уште некои елементи околу кои мора да извршиме политички консултации во Хрватска и се надевам дека наскоро ќе излеземе со конечен став“, изјави по бриселските средби, шефот на хрватската дипломатија, Гордан Јандроковиќ. Двете делегации се враќаат на консултации во Љубљана и Загреб, а одговорот се очекува за околу десетина дена.

Меѓувладината конференција одложена

Чешкото претседателство со ЕУ денеска (23.04.2009) го одложи на неодредено време одржувањето Меѓувладина конференција меѓу Хрватска и ЕУ. Хрватско-словенечкото прашање ќе биде на дневен ред во Луксембург, на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој е закажан за в понеделник. Нова Меѓувладина конференција најверојатно ќе се одржи во мај, а ако претходно се постигне договор и прифаќање на последниот предлог на еврокомесарот Оли Рен би требало да дојде до деблокада на преговорите и Хрватска би требало да ги отвори и затвори 12 поглавја.

Автор: Ален Леговиќ / Невена Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска