Насилството на муслиманите го вознемири Западот
15 септември 2012САД по насилните протести во арапските земји сигнализираат сила. „Ќе се спротивставиме на насилството против нашите дипломатски мисии“, изјави американскиот претседател Барак Обама на комеморацијата за загинатите дипломати во нападот врз американскиот конзулат во Бенгази. На комеморацијата во воздухопловната база Ендрус, Обама нагласи: „Нивната жртва никогаш нема да биде заборавена. Ние ќе сме тие што треба да се погрижиме правдата да ги стигне оние што ни‘ ги зедоа.“
Американскиот претседател даде уверување дека владата ќе стори „се‘ што е во нејзина моќ“ за да ги заштити американските граѓани во странство. Истовремено, САД ќе се залагаат и натаму за слобода и праведност. Американскиот министер за одбрана Леон Панета за магазинот „Форин полиси“ рече: „Мора да сме подготвени на тоа дека овие демонстрации ќе излезат од контрола.“
Советот за безбедност ги осуди нападите
Советот за безбедност на ОН „најостро“ ги осуди нападите врз дипломатските претставништва во повеќе муслимански земји. Во соопштението објавено во Њујорк се вели дека дипломатските претставништва се по природа мирни. „Една од централните задачи на дипломатите е да поттикнуваат подобро разбирање меѓу земјите и културите.“
Нападот врз германската амбасада не бил поради филмот
Во Судан вчера (14.09), во рамки на протестите, беше нападната и германската амбасада. Нападот не бил спонтан и во прва линија не се случил поради филмот со пророкот Мухамед, во кој тој е прикажан како хомосексуалец и женкар. Вработените во амбасадата претпоставувале дека се можни безредија, затоа што имамите со денови повикувале на протести пред германската амбасада. Тие наведувале дека во Германија карикатурите со Мухамед можат да се прикажуваат неказнето. Со оглед на тоа што амбасадата во Картум е затворена во петок, не е повреден никој. За денеска се најавени нови протести. Германската канцеларка Ангела Меркел ги осуди нападите врз германската амбасада и врз дипломатските претставништва на САД. Насилството никогаш не може да биде средство во политичките конфликти, рече таа. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле за првата германска телевизија АРД рече дека филмот за Мухамед е „навреда за милиони луѓе, но дури и такво стравично видео не е оправдание за насилство.“
Бесот на муслиманите поради филмот предизвика протести и безредија во околу 20 држави, од Северна Африка до Југоисточна Азија. Притоа, загинаа шест лица, а десетици се повредени.