1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилствата фрлија сенка врз историските избори во Авганистан

19 септември 2005

Во Авганистан синоќа заврши гласањето на првите историски парламентарни избори по повеќе од тридецениска пауза, односно точно 36 години. Изборите се одржаа и покрај серијата насилства во кои најмалку осум лица загинаа а повеќе од десетина беа повредени. Резултатите според најавите треба да бидат соопштени за три недели. Каков беше текот на изборите

https://p.dw.com/p/AciS
Фотографија: AP

Едно гласачко место се наоѓа во една џамија во квартот Шар е нав во градот Кабул. Уште пред седум часот утрината луѓето доаѓаат. Некои таму чекаат веќе еден час да се отвори ова избирачко место. Шефот на гласачкото место се обидува да го оправда задоцнувањето:

„ Ние сме муслимански народ и заради тоа прво одиме во џамија. Кога утрината стигнавме тука забележавме дека молитвата сеуште трае и заради тоа моравме да чекаме„

Шефицата на набљудувачката мисија на ОН, Ема Бонино чека уште од седум часот утрината. Со голем интерес ги следи подготовките, првото гласање и се тоа го коментира:

„ Овде е прилично се во ред, додуша малку со задоцнувањето, но тоа можеше да се очекува. Сето тоа трае прилично долго. Се надевам дека ќе оди побрзо, за подоцна да се одбегне метежот. Ми се чини дека се е добро организирано. И помошниците на изборите, вклучувајќи ги и шефовите се горди што можат да покажат дека знаат што се работи, на пример кога ќе бидат затворени гласачките места„

Гласачите најпрвин мора да ја покажат гласачката легитимација, а потоа со палецот стискаат во мастило. Бојата покажува дали некој веќе го остварил демократското право, со што се оневозможува некој повеќепати да гласа. На претседателските избори кои се одржаа минатиот Октомври мастилото предизвика голема нервоза, бидејќи се покажа дека тоа делумно може да се отстрани од палецот. Шефот на избирачкото место сака да ги расчисти сите сомнежи и демонстративно го пере обележаниот прст:

„ Добро, да се обидеме, но во велам дека оваа боја е долготрајна. Гледате, не се брише„

Непосредно по отворањето на гласачките места со две ракети беше стрелано врз седиште на ОН јужно од градот Кабул. За среќа немаше жртви, а едно лице полесно беше повредено. Од јужната покраина пристигнаа информации за неколкумина загинати во судирите меѓу силите за безбедност и бунтовниците. Токму во тој регион неколку гласачки места не можеа да бидат отворени. Шефот на изборната комисија Петер Ербен се обидува да објасни дека тоа се исклучоци:

„ Но ве молам, ние во Авганистан имаме 6.200 гласачки места и во секој регион на земјата има услови за одржување на изборите„

Сепак се поставува прашањето дали воопшто се потребни толкав број гласачки места. Набљудувачите зборуваат за мал одзив на гласачите, како кај мажите, така и кај жените. Се чини како да исчезна ентузијазмот кој ги одбележа минатогодишните претседателски избори.

Karen Fischer