Напредок во политичкиот дијалог во Македонија
27 јуни 2007Судовите во Македонија денеска не работат. Администрацијата штрајкува за повисоки плати. Се прифаќаат само итни предмети. Штрајкот ќе трае три дена, но ако барањата не бидат исполнети, сидникатот најавува подолготрајна блокада на работата на судовите. Вработените бараат враќање на поранешното работно време и исплата на надоместоците, но основно барање е зголемување на платите.
Според анализата на синдикатот платите на судиите во последниве пет години биле зголемини од 15 на 35 илјади денари, додека административните работници, дактилографките, куририте, судската полиција не добиле покачување. „Седум илјади денари плата не е доволна ни да се покријат основните трошоци, а посебно што од нас има многу вработени што живеат на таа единствена плата бидејќи сопругот не работи, се школуваат деца. “ – „ Да не сфатат владата и другите органи и да ги покачат нашите плати кои навистина се мизерни.“
Успешна средба на власта и опозицијата
Во истовреме со штрајкот на судовите продолжи политичкиот дијалог за реформи во судството. Денешната лидерска средба и од власта и од опозицијата е оценета како успешна.
Лидерот на СДСМ Радмила Шеќеринска по средбата изјави „Постигнавме напредок по неколку елементи од законот за јавно обвинителство, како прво беше прифатен предлогот на Социјалдемократскиот сојуз да се зајакне улогата на Советот за јавни обвинители и практично јавниот обвинител ќе може да го избира Собранието на Република Македонија на предлог на Владата но само доколку Советот на јавни обвинители претходно даде позитивно мислење. Сметаме дека ова е многу подобро решение од она што беше понудено во законот и сметаме дека на таков начин ќе се прекине праксата владите да доаѓаат и со себе да носат партиски јавни обвинители.“ рече Шеќеринска.
Премиерот и лидер на владеачката ВМРО ДПМНЕ пак истакна „Имавме би рекол успешен ден во разговорите. Ги разрешивме скоро сите прашања. Практично ги прифативме повеќето од нивните барања. Останаа уште едно до две прашања што треба да се разрешат. Во недела вечер ќе имаме уште една средба. Се работи за прашањето што практично е поврзано со Европската унија.“
На наредниот состанок закажан за во недела се очекува да бидат усогласени и прашањата за разрешување на Јавниот обвинител и да се отвори дебата за Судскиот совет. На денешната средба беа претставници и на сите парламентарни партии освен на ДУИ.