„Напаѓачот на карневалот имаше задоволен поглед“
25 февруари 2020Возачот кој со својот автомобил се заби во толпа луѓе за време на карневалската прослава во градот Фолкмарзен од вечерва е во истражен затвор, но германската полиција се уште не знае ништо за мотивот на нападот. Тој е обвинет за обид за убиство, но од обвинителството велат дека истрагата се води во сите насоки.
Вкупно повредени се 61 лице, на возраст меѓу две и 85 години. Дел од нив се со тешки повреди, а 20 се деца.
Вработена во итните служби денеска за германските медиуми раскажа дека 29-годишниот напаѓач се обидел физички да се пресмета со неа откако таа му пришла на неговиот автомобил. Леа-Софи Шлемер ја отворила возачката врата на автомобилот и се обидела да го извлече клучот, но 29-годишниот Морис П. ја фатил за коса и започнал да ја дави обидувајќи се повторно да го запали возилото. Од нападот ја спасиле тројца локални жители кои притрчале и го совладале агресорот со тупаници.
„Не проговори ниту збор. Изгледаше празно и мртво, но се чинеше задоволен. Беше навистина потресно колку задоволен делуваше“, вели Шлемер.
Малото градче со седум илјади жители и денеска е во шок по крвавиот напад. Многумина се прашуваат дали напаѓачот е луд или заслепен од омраза. Полицијата соопшти дека тестовите на алкохол во крвта биле негативни, но нема информации за неговата психичка состојба.
Човекот се доселил во градот пред неколку години и живеел во голема куќа со својата сестра.
„Има и роднини кои живеат на неговата улица. Немам поим зошто го стори тоа. Чудо е што никој не загина“, вели негова сосетка за агенцијата Ројтерс. Ни останатите жители на градот немаат одговор на прашањето: Зошто?