Нападот врз весникот во САД заради израмнување сметки?
29 јуни 2018Вооружен напаѓач во локалниот весник „Капитал Газет“ во американскиот град Анаполис уби пет лица. Во нападот има и двајца повредени, најверојатно од парчиња стакло. Новинарите во малиот локален весник изјавија дека во текот на нападот се криеле под работните маси. „Само се молев да не ми заѕвони телефонот“, изјави новинарот Фил Дејвис за телевизијата Си-Ен-Ен.
Напаѓачот е уапсен. Истрагата смета дека тој нема соучесници. Според американските медиуми, нападот го извршил 38-годишен маж од регионот. Тој со весникот имал долгогодишен судски спор. Шефот на полицијата Бил Крампф изјави: „Тоа е она што го слушаме“. Полицискиот портпарол Рајан Фрешур, пак, потврди: „Очигледно тоа е некој кој имал стара отворена сметка со весникот“.
Нападот бил целен, иако не многу прецизно испланиран. Очевидци изјавија дека напаѓачот си го пробил патот до работните маси на дел од луѓето кои раководат со весникот. Полицијата стигнала екстремно бргу на местото на нападот. Стив Шу од раководството во општината Ен Ерундел рече дека полицајците стигнале до локалниот весник за само 60 секунди. Во зградата каде што се наоѓа весникот има и други канцеларии и лекарски ординации. Полицајците евакуирале на сигурно околу 170 луѓе.
„Капитал Газет“ е локален весник со тираж од околу 40.000 примероци. Преживеаните во редакцијата во Анаполис по нападот едноставно продолжија со работа. И на денови кога се случуваат страшни работи весникот треба да излезе од печат, велат тие.