1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападот во Питсбург е аларм за Европа

Мартин Гак
29 октомври 2018

Крвавото убиство во Питсбург нѐ потсетува на смртоносната сила на антисемитизмот и неговите поддржувачи. Но и покрај тоа, таа сила продолжува да ја дефинира политиката на европската десница, смета Мартин Гак.

https://p.dw.com/p/37IV6
Pennsylvania USA Kriminalität l Trauer nach Schüssen an Synagoge in Pittsburgh
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Smialowski

Најсмртоносниот антисемитски напад во историјата на САД го шокираше светот. Во пост на социјалните мрежи неколку часа пред да започне со убивање, убиецот го претстави својот план пред сите: ХИАС сака да носи натрапници кои ги убиваат нашите луѓе... Не можам да седам и да гледам додека моите луѓе се убиваат. По ѓаволите со вашите погледи, јас одам внатре“.

ХИАС е кратенка за Еврејското здружение за помош на имигранти, група формирана на крајот на 19. век во Њујорк со цел да им помага на Евреите кои бегале од погромите во Русија и источна Европа. Од неодамна, групата ги фокусираше своите напори во организирање на членовите на еврејската заедница да им помагаат на имигрантите без документи.

За човекот кој бил во мисија „да ги убие сите Евреи“, ХИАС веројатно ги претставувала старите конспиративни теории за „превртливиот“ меѓународен Евреин. Тоа е тој перфиден Евреин кој планира светска доминација преку контрола на меѓународните финансии, промовира шпекулации, ги контролира медиумите и активно работи на поткопување на верскиот идентитет на христијанските нации.

Вечната моќ на антисемитските лаги

Моќта на овие антисемитски метафори кои помогнаа да се оправда уништувањето на Евреите низ погроми, конц-логори и масовни убиство, не се намалува. Стариот Ротшилд сега е заменет со милијардерот Џорџ Сорос. Интернационализмот без корен кој го отфрлаше Адолф Хитлер и асоциран со Евреите сега е глобализмот кој Стив Бенон и неговите десничарски современици го осудуваат.

Quadriga Martin Gak
Мартин ГакФотографија: DW

Цел хор екстремни американски гласови кои се префрлија од маргините во мејнстримот ги претставуваат либералните Евреи во медиумите, финансиите и владата како моќни и опасни. Оваа стратегија на демонизација сега го роди својот отровен плод, а оние кои се интелектуално одговорни за овој одвратен напад се лесни за идентификација.

Предупредување за Европејците

Европејците треба да ги препознаат сличните антисемитски сигнали кај нив. Унгарскиот премиер Виктор Орбан водеше јасна антисемитска кампања која го користеше Сорос како симбол на антиунгарскиот глобален заговор. Лидерот на германската крајна десница АфД, Александер Гауланд истура повраќаници врз „глобализираната класа“ која наводно окупира позиции во академијата, медиумите, финансиите и НВО.

Британскиот евроскептик Најџел Фараж, повторувајќи го предупредувањето на Хенри Форд против „меѓународниот Евреин“, неодамна за Фокс изјави дека Џорџ Сорос е „најголемата закана за целиот западен свет“.

Во Италија, десничарскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини води кампања против финансиер кого го обвинува дека „сака да ја наполни Италија со мигрантски робови“ и да предизвика финансиски колапс на земјата. Слично како и обвинувањата на убиецот од Питсбург против ХИАС, Фараж, Салвини, Орбан и другите го обвинуваат Сорос и неговата мрежа на НВО за финансирање на мигрантската инвазија врз Европа.

Овие политичари користат аргументи и јазик кои позајмени од најтемните делови на нашето политичко наследство во корист на политичката експедитивност. Европа мора да се извлече од својата несвесност и лагодност по овој напад. Ние Европејците имаме уникатна одговорност, на база на крвта која е пролеана на тлото на овој континент, да избегнеме вакво злосторство во Будимпешта, Дрезден или Варшава. Мора да се делува веднаш.