Нападнати седиштата на сириската полиција и разузнавачка служба
17 март 2012Веста за експлозиите и бројката од најмалку 27 загинати и 97 повредени лица, меѓу кои има и полицајци и цивили, ја објави сириската национална телевизија, обвинувајќи ги за нападот „терористите кои стојат зад едногодишниот бунт против претседателот Башар ал-Асад“. Државната телевизија објави дека се работи за самоубиствени бомбашки напади исвршени со автомобили полни со експлозив.
Видеоснимката од местото на експлозијата покажува дека предниот дел од зградата на службата за разузнавање е разнесен, а многу автомобили на улицата се запалени. Снимките од вториот напад пред седиштето на полицијата покажуваат остатоци од автомобил и јагленосано тело во школката на автомобилот.
Во меѓувреме никој не ја презеде одговорноста за овој двоен напад, но самоубиствениот напад е сличен на оние што го погодија вториот по големина сириски град Алепо во последните три месеци. Денешните експлозии се случија само два дена по годишнината од бунтот во Сирија, во кој ОН проценуваат дека се убиени 8.000 лица, а околу 230.000 се принудени да ги напуштат своите домови.
Специјалниот посредник на ОН и Арапската лига Кофи Анан вчера предупреди дека кризата може да се прошири и на соседните земји и ги повика меѓународните сили да ги остават настрана своите разлики и да го вратат мирот во земјата.
Автор: Александар Методијев/ројтерс/афп
Редактор: Симе Недевски