1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Макрон сака да ги „нервира“ невакцинираните

СН/агенции
5 јануари 2022

Бројот на нови ковид-случаи во Франција со денови достигнува рекордни нивоа. За да го запре актуелниот бран, претседателот Емануел Макрон планира да им го ограничи социјалниот живот на невакцинираните.

https://p.dw.com/p/459fF
Frankreich Präsident Emmanual Macron
Фотографија: Ludovic Marin/REUTERS

Францускиот претседател Емануел Макрон за весникот Паризиен изјави дека сака да ги изнервира Французите кои не се вакцинирани против Ковид 19 и да го ограничи нивниот пристап до социјалниот живот што е можно повеќе.

„Сакам да ги нервирам невакцинираните. Ќе продолжиме да го правиме тоа, до крај. Таква е стратегијата“, рече Макрон, додека во францускиот парламент продолжува жестоката расправа за нацрт-законот за сертификатите за вакцинација. Минатата година Франција воведе сертификати со кои им се дозволува на лицата со негативен ПЦР тест и на вакцинираните да влегуваат во ресторани, кафулиња и други места, кои владата сега сака да ги промени и да воведе само сертификати за вакцинација.

Макрон рече дека не е за тоа да се нервираат Французите, но кога станува збор за невакцинираните, тој сака да ги изнервира. „Не сакам да ги пратам во затвор, не сакам да ги присилувам да се вакцинираат, но треба да им се каже: од 15 јануари повеќе нема да можете да одите во ресторани, на пијалок, кафе,  во театар, кино...“, објасни претседателот.

Изборот на зборови на Макрон поларизира

Невештите, лути забелешки на Макрон на помалку од четири месеци пред  претседателските избори во Франција предизвикаа негодување кај опозицијата. Жан-Лук Меланшон , кандидат на екстремната левица на претседателските избори во објава на Твитер, изјавите на Макрон ги опиша како зачудувачки. Според кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен, претседателот не треба да кажува вакви нешта. „Гарантот на единството на нацијата упорно сака да ја дели и сака невакцинираните да ги претвори во граѓани од втор ред. Емануел Макрон не е достоен за својата функција“, рече Ле Пен. Републиканецот Бруно Ретајо истакна дека „нема таква здравствена ситуација, која би ги оправдала ваквите зборови“.

Во интервјуто за Паризиен, Макрон ја отфрли можноста за воведување нови мерки за борба против Ковид-19, велејќи дека одлуките од минатата недела остануваат во сила. Макрон уште изјави и дека би сакал да се кандидира на претседателските избори кои треба да се одржат за помалку од четири месеци, но не потврди јасно дека ќе го стори тоа.