1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МО: Утврден дисциплински престап на Богојески

8 април 2022

Во дисциплинската постапка во прв степен се утврди дисциплински престап, велат од Министерството за одбрана околу случајот на државниот советник Петар Богојески.

https://p.dw.com/p/49eGr
Mazedonische Verteidigungsministerium
Фотографија: DW

Министерството за одбрана даде одговор на прашањата на ДВ, по изјавата на нивниот државен советник, Петар Богојески, дека од МО му била изречена мерка - отказ, по дисциплински престап. Причината за поведената дисциплинска постапка била претставка од надворешно лице поради личен политички коментар на Богојески, даден во случај кога споделил линк од текст кој говори за руско влијание во редовите на МПЦ-ОА.

„Престанокот на работниот однос на административниот службеник Петар Богојески не е конечен. Дисциплинската постапка во прв степен е завршена. Во постапката се утврди дисциплински престап по член 73 став (1), точка 22) од Законот за административни службеници – однесување спротивно на одредбите на Кодексот, односно повреда на член 15 ставови 2 и 3 од Кодексот за административни службеници и член 12 точки 9 и 10 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија“, се вели во одговорот на Министерството за одбрана.

- повеќе: Петар Богојески добил отказ од МО: „Вратен е вербалниот деликт!“

На прашањето зошто Комисијата во МО водела дисциплинска постапката за Петар Богојески, кога подносителот самиот ја повлекол претставката против него, од МО го дадоа следниот одговор:

„Доставените Претставки со барања за поведување на дисциплинската постапка не се основ за Министерството за одбрана да оцени дали дејствијата кои ги сторил административниот службеник се навреда и клевета за чие утврдување е надлежен Граѓанскиот суд во Скопје, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, но да утврди дали дејствијата содржат елементи на дисциплински престап според Законот за административни службеници. Откако се утврди дека истите претставуваат дисциплински престап по член 73 став 1, точка 22) од Законот за административни службеници - однесување спротивно на одредбите на Кодексот, се поведе дисциплинската постапка за повреда на член 15, ставови 2 и 3 од Кодексот за административни службеници и член 12 точки 9 и 10 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија. Оттука произлегува причинско-последичната врска на дејствијата на именуваниот со последиците според Законот за административни службеници“, велат од Министерството за одбрана.

Mazedonischer Reformpolitiker Petar Bogojevski
Престанокот на работниот однос на административниот службеник Петар Богојески не е конечен, се вели од Министерството за одбранаФотографија: Privat