Мосул: цивилите се борат да преживеат во ослободениот град
24 јули 2017Страдањето е запишано на секој агол на разурнатиот Мосул. Војна беснееше во градот во последните девет месеци. Пред две седмици Мосул беше ослободен од окупацијата на терористичката организација Исламска држава. Сега федералната ирачка полиција го расчистува регионот.
„Во изминатата недела сите единици на федералната полиција, врз основа на наредба на раководството на полицијата, започнаа со расчистување на делови од градот во потрага по импровизирани експлозивни направи и по милитанти од Исламска држава кои се кријат под земја или во тунели“, објаснува командантот на федералната ирачка полиција.
Десетици илјади луѓе избегаа од Мосул за време на војната. Оние кои не го сторија тоа, се најдоа на линијата на фронтот.
„Исламска држава ја запали мојата куќа. Тие не престанаа да пукаат во нас, немаа милост кон никого“, раскажува жителот на Мосул, Башар. „Не можев да заминам, зашто тие ќе пукаа со минофрлачи по нас. Се криев во подрумот цел месец, не се осмелував да излезам надвор“.
На Башар, но и на илјадници семејства им е потребна итна помош во храна за да можат да преживеат во намачениот град.