Хидрогенска бомба или „вербална радикалност“?
11 декември 2015ДВ: Професоре Зандшнајдер, колку е веродостојна веста дека Северна Кореја поседува хидрогенска бомба?
Е. Зандшнајдер: Однадвор тоа навистина тешко може да се процени. Очигледно западните и инаку упатените тајни служби не се сигурни дали веста одговара на реалноста, дали Северна Кореја има технолошка способност за тоа. Може да се претпостави дека севернокорејскиот диктатор едноставно тврди дека има работи, кои не се реални, за да гради потенцијал за закани.
ДВ: Располага ли Северна Кореја со соодветна технологија?
Е. Зандшнајдер: Тоа е загатка за сите - постои ли веќе функционален систем-носач? На кое ниво е технологијата сега? Функционира ли таа навистина? Дали е веќе до ниво да се користи и за оружје? Сиве овие теми се предмет на бурни меѓународни шпекулации. Но, никој не знае точно.
ДВ: Северна Кореја сака со нуклеарното вооружување да ги заплаши своите непријатели, како САД. Одговара ли таквиот начин на размислување воопшто на денешново време?
Е. Зандшнајдер: Идејата е, како што можеше да се согледа од севернокорејската надворешна политика во изминатите години, да се изгради можен потенцијал за застрашување против воена акција од страна на САД, од која таму стравуваат. Потенцијалот за застрашување секогаш има една фактичка и една вербална база. Кога е во прашање Северна Кореја, исклучително тешко е да се повлече граница меѓу она што е вербална закана и она што е реална политика. Тоа посигурно можат да го утврдат само тајните служби. Тоа не може да се процени со набљудување однадвор ниту од тоа како Севернокорејците ги претставуваат нештата.
ДВ: Ја загуби ли Кина, како нејзин најблизок сојузник, контролата врз Северна Кореја?
Е. Зандшнајдер: Од кинеските реакции во последните месеци може да се согледа дека ни во Пекинг не се секогаш, претпазливо речено, среќни поради однесувањето на севернокорејската влада. И Кина е постојано наново изненадена. Кина упати јасни зборови на адреса на Пјонгјанг. Се разбира дека не е од интерес за Кина, поради нуклеарното вооружување на Северна Кореја, да биде вовлечена во трка за нуклеарно вооружување во регионот на источна Азија. Покрај кинеските, во прашање се и јужнокорејските, јапонските и конечно и американските реакции. Кина би сакала да избегне конфликтно однесување и колку што е можно да ја минимизира вербалната радикалност од Северна Кореја.
Др. Еберхард Зандшнајдер е директор на Истражувачкиот институт на Германското друштво за надворешна политика. Од 1998. година ја држи Катедрата за кинеска политика и меѓународни односи на Слободниот универзитет во Берлин.
Атомската бомба функционира на принципот на фисија (кинење, делење) на јадрото на атоми на плутониум или уран, додека хидрогенската бомба е базирана на фузија (спојување, стопување) на јадра на атоми на деутериум и трициум (тешки изотопи на водород) во јадро на атом на хелиум. Нејзината експлозивна сила е повеќекратно поголема отколку на атомската бомба.