1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Ковид-вакцина: Спреј за нос, наместо инјекција?

Луиза Рајт
31 јануари 2022

Дали порадо би примиле вакцина преку шприц и игла, или во форма на спреј за нос? Научниците работат на тоа да развијат таква вакцина против Ковид-19.

https://p.dw.com/p/460dn
На повидок ковид-вакцина во форма на спреј за нос
На повидок ковид-вакцина во форма на спреј за носФотографија: Firn/Zoonar/picture alliance

Кога размислуваме за Ковид-вакцини повеќето од нас си замислуваат остра игла, а некому може и да му се слоши од помислата. Но, што ако вакцинирањето стане толку лесно што ќе може да се изведе со спреј за нос?

Светската здравствена организација проценува дека годишно во светот се користат повеќе од 16 милијарди инјекции. Бројката годинава ќе расте. За глобалната кампања за вакцинација против Ковид може да станат неопходни дополнителни 5,6 милијарди.

Научниците работат на развојот на алтернативни начини на вакцинирање за да се задоволи големата побарувачка. Кога вакцината се дава преку носот, домаќинот развива мукозален одговор на имунолошкиот систем на местото на инфекцијата.

Надградување на актуелната технологија

Во Мексико научниците работат на назална вакцина наречена „Патрија”, или во превод татковина, и се надеваат дека клиничките студии наскоро ќе започнат.

Питер Палезе, претседател на Одделот за микробиологија на медицинската школа при Маунт Синаи болницата во САД, со неговиот тим научници ја развоја главната состојка на назалната вакцина.

За специјалната програма посветена на Ковид-19 на ДВ, тој рече дека една од главните предности на ваквата вакцина е што може да се чува во обичен ладилник на 2-4 степени Целзиусови, за разлика од екстремно ниските температури неопходни за вакцините на Фајзер и Модерна. Состојката за вакцината се одгледува на јајца од кокошки како што е случај со многу вакцини против грип, така што и трошоците за производството се многу пониски.

„Многу е поевтино да се произведува оваа вакцина споредено со иРНК вакцините од Фајзер и Модерна”, вели Палезе за ДВ.

Тестирањата за фаза еден и два се одвиваат паралелно поради ургентноста на ситуацијата со пандемијата. Во клиничките испитувања се вклучени лица од пет земји, а иницијалните резултати се очекуваат во јули годинава.

„Одлично функционира со животни, имаме фантастични, благонадежни студии со хрчаци и глувци, но сепак тоа се животни, а не луѓе“, вели Палезе.

Поефикасна вакцина

Научниците на универзитетот Вашингтон во Сент Луис исто така работат на назална вакцина против Ковид.

Тим истражувачи предводен од имунологот и специјалист за вируси, Мајкл Дајмонд и онкологот Дејвид Кјуриал, откриле дека глувци кои добиле една доза од назалната вакцина се целосно заштитени од САРС-Ков-2, додека оние кои ја добиле преку инјекција само делумно.

За да ја направат вакцината научниците инсертирале спајк протеин од САРС-Ков-2 во аденовирус онеспособен да ја предизвика болеста. Тоа на организмот му овозможува да развие имунолошка одбранбена реакција на спајк протеинот.

„Важно е и што една единствена доза создава толку силен одговор на имунолошкиот систем“, вели Кјуриал во соопштение за медиумите. „Вакцините од кои се потребни две дози за целосна заштита не се толку ефикасни, бидејќи некои лица, од кои и да е причини, никогаш не ја примаат втората доза“, додава тој.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Со оглед на тоа дека вакцината не содржи жив вирус, таа е идеална и за лица чиј имунолошки систем е компромитиран од други болести како ХИВ, дијабетес или рак, вели научникот.

Идејата не е нова

Можеби звучи како новитет, но вакцини кои не се примаат преку игла се одамна во оптек. Првата со големо влијание беше оралната полио вакцина, која и натаму се користи во земји со ниски примања. Вакцината користи заслабена верзија од полио вирусот и функционира преку заразување на гастроинтестиналниот систем со што провоцира реакција кај домаќинот. Орални вакцини постојат и за тифус, колера и рота вирус, а назална за грип. Тие исто така содржат заслабната верзија од патогенот кој ја предизвикува болеста.