1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можен ли е колапс на пензискиот фонд на Македонија?

Свето Тоевски11 септември 2012

Во Македонија има 281 илјади пензионери, наспроти 241 илјади во 2000 година. За пензиите лани беа исплатени 656 милиони евра, од кои дури 40-тина проценти се од државниот буџет.

https://p.dw.com/p/166Zj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Овие податоци, кои ги соопштија деновиве Заводот за статистика и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, со сета силина и на алармантен начин го наметнуваат прашањето: што се случува со пензискиот систем во оваа земја? Експертската јавност во земјата од поодамна предупредува дека „дупката“ во пензискиот фонд е се’ подлабока: пари во него ќе има се’ помалку, а се’ поголеми ќе стануваат дотациите за него од државниот буџет. Во 2012-та тие веќе ја достигнаа сумата од 283 милиони евра на годишно ниво. Во 2008 година државниот буџет надополнуваше 27 проценти од вкупните приходи во пензискиот фонд, а годинава се достигнати 42 проценти.

Пензискиот систем станува неодржлив“

Јадранка Мршиќ, експерт за пензиско осигурување од Правниот факултет на Американ колеџот во Скопје, коментира: „Приходите од пензиските придонеси во последните 20 години се зголемени речиси за двојно, расходите за исплатата на пензиите пораснале за 232 проценти и по оваа основа создадениот дефицит во пензискиот фонд се покрива со пари од државниот буџет. Овие буџетски дотации во истиот 20 годишен период се зголемени дури за петпати. Во овој период бројот на пензионери растеше забрзано, за 54 проценти, а бројот на осигуреници е намален за 23 проценти. Ова предизвика соодносот од тројца вработени на еден пензионер од 1990 година да се сведе на 1,7 вработени сега и да се движи во наредниот период кон 1 наспрема еден. Тоа води кон неодржливост на пензискиот систем“.

Сунчица Димитријоска, експерт за социјална заштита од државниот Филозофски факултет во Скопје, се надоврзува: „Можен е колапс на пензискиот фонд. Мора да се засили фискалната наплата на придонесите. Денес голем број лица работат на ’црно’ и не се плаќаат придонесите“.

Професорката Мршиќ се осврнува на причините за неодржливоста на постојниот пензиски систем во државата: „Процесот на стареење на населението е глобален феномен и претставува голема закана за пензиските системи во 21. век. Економската состојба во пост – транзициските земји, меѓу кои е и Македонија, дополнително ја влошува оваа состојба поради високата стапка на невработеност.“

Димитријоска додава: „За Македонија е карактеристично учеството на лицата постари од 65 години во вкупната структура на населението. Тоа учество се зголемува од година во година. Македонија полека влегува во групата на земји, каде што се забележува стареење на популацијата“.

Rentnerpaar beim Spaziergang
Фотографија: Fotolia/cammer

Зголемена вработеност – поголема стабилност на пензискиот фонд

Изминатиот месец лично премиерот Никола Груевски со двајца ресорни министри имаше работна посета директно во Сојузот на пензионерите на РМ, за да гарантира дека пензискиот фонд ќе ја оддржи својата добра финансиска кондиција и во периодот што следи.

Драги Аргировски, претседателот на пензионерскиот сојуз, напоменува: „Не се очекува никаков колапс на пензионерскиот фонд. Овие уверувања, што ги добивме од владата, но и анализите наши и на самиот пензиски фонд, покажуваат дека пензиите редовно ќе се исплатуваат и во иднина.“

Како да се спречи хаварија на пензискиот фонд?

Мршиќ одговара: „Решението за стабилноста и долгорочната одржливост на пензиските системи се наоѓа во реалниот сектор, во порастот на економијата и, врз таа основа, во вработеноста. Поголемата вработеност обезбедува поголеми уплати во фондот за пензиско осигурување, од кои се покриваат расходите за пензии. За краток рок ќе биде нужно потребно и зголемување на старосната граница за пензионирање. Формулата за решавање на проблемите на пензискиот систем, заради продолжениот животен век е: подолго живеење - подолго работење. Тоа придонесува за одржување на уплатите во пензискиот фонд и за намалување на расходите за исплата на пензиите.“

Димитријоска посочува: „Мора да се размислува за продолжување на работниот век: оние што можат да работат и да продолжат да работат.“

Останува да се види дали можеби и навистина македонскиот пензиски фонд ќе успее да се справи со тешките предизвици, со кои особено оваа година се соочуваат пензиските системи во низа држави во Европа и каде веќе се започнати реформски промени, за кои зборуваат споменатите експерти за ДВ. Евентуалниот економско – финансиски колапс на пензискиот фонд на РМ би значел и можен социоекономски колапс не само за оние 281 илјади пензионери, туку и за сите десеттици илјадници членови на нивните семејства, во кои честопати пензијата е единствениот приход за преживување и за невработените синови и ќерки. Безмалку, половина Македонија живее од пензиите и оттука владата ќе има се’ потешка задача да не дозволи пензиите да паднат во бездната.“