1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ми се закани дека ќе ме убие“

Ј.Шолц/А.Криш/ЕМФ15 јули 2016

Нигеријката Џој К. сакала подобар живот во Италија и - паднала во рацете на бескрупулозни трговци со луѓе. Сега, и покрај сите опасности по животот, има намера да преземе мерки против своите поранешни мачители.

https://p.dw.com/p/1IFqd
Фотографија: Kriesch/Scholz

Дојче веле: Зошто ја напуштивте татковината Нигерија?

Џој К.: Пред сѐ поради условите во коишто живеев овде. Тогаш, се рaзбира, не знаев што значи патувањето и дека на крајот ќе завршам како проститутка. Заминав со големи надежи. Сакав да го променам и животот на моето семејство овде, во Нигерија. Но, брзо сфатив дека моите соништа нема да се остварат.

Кога сфативте во каква ситуација сте западнале?

Кога пристигнав во Италија, во куќата на Нигеријката каде што требаше да живеам и работам како бебиситерка, таа беше љубезна. Но, се чудев што во куќата има толку многу други млади Нигеријки. По два дена дојде со кондоми, кусо здолниште и еден брустхалтер. Рече дека тоа сега ми е работна облека. Ѝ реков дека не ја разбирам. Потоа ми објасни дека ќе мора да работам на улица. Кога ѝ реков дека тоа нема да го правам во никој случај, се разбесни. Јас само плачев. Не можев да верувам дека сака да ме испрати на улица да се проституирам. Тогаш имав само 17 години.

Како воопшто стигнавте до Италија?

Се сеќавам дека дојдов преку Агадез во Нигер. Таму беше ужасно. Шверцерите, нигериски мажи, нѐ поделија меѓусебно - тие спиеја и со бремените. Бевме вкупно седум. Таму поминав околу две недели. Потоа бев и во Алжир и Мароко. Потоа стигнав во Шпанија, а оттука во Италија. Но, на многу работи веќе не можам да се сетам, сето тоа го организираше „мадам“ (така се нарекуваат жените макроа кои се на чело на шверцерските мрежи, н.з.)

Со какви документи патувавте?

Имав пасош на кој имаше друго име, но девојчето на фотографијата изгледаше слично.

Може ли да ни раскажете нешто повеќе за тоа како Ве третираше „мадам“ кога стигнавте во Италија?

Како што реков, првите два дена беше љубезна кон мене. Тогаш си мислев дека треба да ги чувам децата. Таа е омажена за Италијанец и заедно имаат деца. Дури кога се спротивставив да се проституирам, почна да ми се заканува. Имаше мои влакна и ми се закани со Џуџу (широко распространето верување во магични сили во јужните делови на Нигерија, н.з.). Рече дека може дури и да ме убие на тој начин ако отидам во полиција. По една недела почнав да се проституирам.

Italien Florenz Bild 12:Frau Opfer Menschenhandel
Назад во татковината: Џој К. била жртва на трговци со луѓеФотографија: DW/A. Kriesch/J.-P. Scholz

Како изгледаа деновите во Италија?

Во текот на денот спиев. Навечер околу 18 часот одев на улица, а се враќав изутрина околу 6. „Мадам“ често дури и готвеше за нас, таа знаеше да биде и љубезна. Но, се сеќавам дека еднаш немав доволно пари за да ѝ платам. Тогаш почна да ме тепа.

Моравте да ѝ ја дадете целата заработувачка?

Да, сите пари. Ми рече дека ѝ должам 45.000 евра за патувањето и дека мора сѐ да ѝ вратам.

Кои се Вашите најлоши искуства во Италија?

Еднаш, на почетокот, дојде еден маж и сакаше да спие со мене без кондом. Тогаш уште не разбирав доволно добро италијански, па на неговите прашања одговарав само со „да“. Кога одбив да спијам со него без кондом, извади оружје и ми се закануваше. Немав веќе шанса да се противам.

Никогаш не ѝ раскажувавте на „мадам“ за лошите искуства?

Да, но таа немаше сочувство. Само велеше дека бизнисот е таков и дека и таа порано минувала низ истото. Се чувствувам многу лошо, но не знаев што да правам. Така, со текот на времето, едноставно се помирив со сѐ.

Што би им рекле на младите Нигеријки кои како Вас сакаат да заминат за Европа?

Знам дека Нигерија не е едноставна земја, но во Европа исто така не е едноставно за нас. Толку многу завршуваат во канџите на проституцијата. Тоа значи дека секоја вечер се спие со различни мажи, и тоа не еден или двајца туку по 5, некогаш дури и 18. Секоја ноќ! Мојот единствен совет е тоа да не се прави, да не се минува низ она што го поминав јас.

Што мислите денес за Вашата „мадам“? Сакате ли да ја видите во затвор?

Не е само една „мадам“. Има многу такви. А, кога ќе завршат со валканата работа, едноставно заминуваат на друго место. Нигерија и Италија мора да сторат многу за да излезат на крај со проблемот. Има толку многу „мадам“ кои се многу посурови од мојата. Кога понекогаш разговарам со пријателите, велат дека сум имала и среќа. Не знам дали сакам да ја затворат. Таа има мали деца кои потоа би морале да растат без мајка. Но, би требало барем да ја протераат од Италија, за да не може на други млади девојки да им го прави она што ми го направи мене. И, подготвена сум во тоа да помогнам со сите информации кои ми стојат на располагање.

Џој К. (името променето од страна на редакцијата) беше уапсена од страна на италијанските власти пред една година додека чекала муштерии на улица и е протерана во Нигерија. Сега се обидува да преживее со мала продавничка за храна.