Мишел Обама бара втора шанса за нејзиниот Барак
5 септември 2012Американскиот претседател Барак Обама уште пред конгресот најави како ќе го следи говорот на својата сопруга - во Белата куќа, пред телевизорот, на софа, со своите ќерки Саша и Малиа. И како секогаш кога неговата сопруга држи говор, ќе има насолзени очи. Не само претседателот, туку и голем дел од делегатите во Шарлот беа трогнати. Зашто во својот многу личен говор, Мишел Обама објаснуваше дека тешките одлуки во изминатите години нејзиниот сопруг не ги донесол поради калкулации да остане на власт, туку од длабоко убедување и врз основа на сопственото животно искуство.
„Кога ќе ме прашаат дали животот во Белата куќа ги промени маж ми, тогаш можам искрено да одговорам дека што се однесува до карактерот, до убедувањата и до срцето, тој е истиот човек во кого се вљубив пред многу години.“
Иако многу советници го предупредувале мажот и‘ дека би направил политичка грешка со здравствено згрижување на сите Американци, тој сметал дека тоа е исправно. Тој го туркал напред законот за еднаква плата на мажите и жените за исти работни задачи, затоа што исто така сметал дека е тоа исправно. Како син на самохрана мајка, Барак ги знае потребите и грижите на обичните луѓе, рече Мишел, која, мислејќи на предизвикувачот, мултимилионерот Мит Ромни, уште додаде:
„Зашто Барак знае што значи кога едно семејство мора да се бори, знае што значи кога се сака да се направи нешто повеќе за децата и внуците. Барак го знае американскиот сон, зашто тој го живеел тој сон.“
Различни вредности
Името на Мит Ромни Мишел Обама не го спомена со ниту еден збор. Но низ целиот нејзин говор, како црвена нишка се протегаше различното потекло и вредности на двајцата конкуренти. Барак Обама се‘ уште е истиот човек кој на почетокот на кариерата одбиваше добро платена работа и наместо тоа се ангажираше во социјалните жаришта за луѓето повторно да добијат работа, зашто за него не е важно колку пари се заработуваат, туку дали може да се подобри животот на луѓето, рече првата дама на Америка.
Проследена со извици на одобрување и аплауз на шесте илјади делегати во Шарлот, Мишел Обама својот говор го заврши со апел повторно да му се даде поддршка на човекот кој може да ја води напред извонредната земја, „мојот сопруг, нашиот претседател, претседателот Барак Обама“.
Усвоена програмата на демократите
Пред говорот на Мишел Обама, делегатите на партискиот конгрес ја донесоа партиската програма на демократите. Со нејзе тие му даваат поддршка на Обама во неговата намера за зголемување на даноците на оние што заработуваат повеќе од 250.000 долари (198.000 евра) годишно. Освен тоа, за разлика од републиканците, демократите се залагаат за законски еднаков третман на хомосексуалните парови, како и за правото на жените сами да донесуваат одлука околу абортусот.
Сепак, партиските програми во американската предизборна кампања не привлекуваат којзнае колкаво внимание на јавноста. Многу е поважно демократите во наредните денови да успеат да одговорат на критичкото прашање на републиканците: „Дали на Америка денес и‘ е подобро отколку пред четири години?“ Вицепретседателт Џо Бајден пред два дена веќе даде одговор: „Осама бин Ладен е мртов, а Џенерал Моторс жив“, рече кусо тој.
Инаку, последните анкети покажуваат дека и Барак Обама и неговиот противкандидат Мит Ромни имаат еднаква доверба кај граѓаните - токму на денот на почетокот на конгресот на демократите Ромни го стигна Обама според процентот на доверба - 46%.