1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мисури ја тужи Кина за ширење на коронавирусот

ЖА / агенции
22 април 2020

Американската сојузна држава Мисури поднесе тужба против Кина поради пандемијата на коронавирус. Републикански пратеници бараат од Трамп да ја тужи Кина пред Меѓународниот суд во Ден Хаг.

https://p.dw.com/p/3bFaH
USA | Coronavirus: Krankenhaus in New York
Фотографија: Imago Images/ZUMA Wire/M. J. Lugo

Тужбата е поднесена пред американски суд и меѓу другото, во неа се бара одговорност од владата и Комунистичката партија во Пекинг за смртните случаи и за економските штети настанати и во американската сојузна држава Мисури како последица на коронавирусот

Според медиумите, тужбата има мали изгледи на успех, зашто Кина ужива заштита како суверена држава.

„Ковид-19 на земјите од цел свет им нанесе непоправливи штети и им донесе болест, смрт, економски последици и предизвика човечки страдања“, напиша републиканскиот министер за правда на Мисури, Ерик Шмит. Преку тужбата, Мисури има намера да бара отштета од Кина.

Кинеската влада го лажеше и го доведе светот во заблуда во врска со опасноста од коронавирусот, ги замолчи свиркачите и не презеде доволно мерки за распространување на вирусот,иако располагаше со податоци дека тој се пренесува од човек на човек, напиша Шмит во тужбата. Со тоа, Кина е одговорна за „предизвикување глобална пандемија, која можеше да се избегне“.

Во американската држава Мисури досега се регистрирани официјално преку 6.000 инфицирани и преку 220 смртни случаи од Ковид-19.

Професорка по правни науки за ТВ НПР изјави дека најголем дел од судиите во САД веројатно ќе дојдат до заклучок дека не се надлежни во правен спор меѓу една американска сојузна држава и една суверена нација. Група од 22 републикански пратеници во меѓувреме побара од американскиот претседател Доналд Трамп да ја тужи Кина поради пандемијата пред Меѓународниот суд во Ден Хаг. 

Трамп самиот во повеќе навратија обвини Кина дека е одговора за ширење на коронавирусот низ светот. Американскиот претседател наложи и привремено запирање на американската уплата за Светската здравствена организација, СЗО. Трамп смета дека и СЗО сноси вина за големиот број мртви и ја обвинува дека преку неуспешен менаџмент, како и прекумерна доверба во информациите добиени од Кина, потфрлила во справувањето со пандемијата и дури и ја влошила ситуацијата. Според критичарите пак, Трамп со нападите против Кина и СЗО сака само да го сврти вниманието од сопствените пропусти во сузбивањето на коронавирусот, во пресрет на претседателските избори во ноември.