1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мир на небото, хаос на земјата

18 април 2010

Облаците со вулканска пепел од Исланд и натаму ја парализираат Европа. Забраната за летање во бројни европски држави повторно беше продолжена.

https://p.dw.com/p/MzRr
Фотографија: AP

Никогаш досега природата на ваков начин не го ограничила човекот и технологијата. Вулканската пепел и натаму го оневозможува одвивањето на воздушниот сообраќај речиси во цела Европа. Облакот со пепел се движи кон југот на Европа, предизвикувајќи застој во европскиот воздушен сообраќај веќе четврти ден.

Од планираните 24 илјади летови, денеска (18.04.2010) се очекуваат само 4 илјади во европскиот воздушен простор, соопшти Европската агенција за безбедност во авиосообраќајот, Евроконтрол. Досега поради вулканскиот облак од Исланд се укинати вкупно 63 илјади летови.

Вака може да остане со денови, недели или месеци

Во Франција, како и на северот на Италија и во Финска, забраната за летање важи до понеделник. Повеќето други европски земји денеска исто така ќе донесат одлука за натамошна забрана за летање.

Vulkan Island April 2010 Passagiere warten auf ihre Flüge
Фотографија: AP

Експертите велат дека честичките од вулканската пепел можат да им наштетат на моторите и сензорите на авионите.

Метеоролозите, поради стабилните временски услови, проценуваат дека облакот нема толку бргу да ја промени позицијата. Освен тоа, вулканот во Исланд и натаму исфрла пепел:

„Од активирањето на вулканот не можам да утврдам намалување на неговата активност. Како и досега има постојани експлозии по кои се исфрла пепел. Значи, нема знаци за промена. И така може да остане уште со денови, недели или месеци“, вели Рајнир Бредварсон, геолог и експерт за вулкани во Исланд.

Авиокомпаниите се лути

Полека, но сигурно расте и незадоволството кај авиокомпаниите. Некои од нив веќе изразија сомневање во потребата за затворање на воздушниот простор. Германските компании „Ер Берлин“, „Луфтханза“, како и холанската „КЛМ“ и австриската „Аустриан Ерлајнс“ велат оти не веруваат дека пепелта од Исланд се’ уште претставува опасност за воздушниот сообраќај. Тие ја критикуваа одлуката да се забранат авионските летови, која, како што наведуваат, била донесена само врз основа на компјутерска симулација. Гласноговорникот на „Луфтханза“ Клаус Валтер вчера изјави дека десет авиони без патници на оваа компанија вчера летале од Минхен до Франкфурт на висина од 8000 метри, и оти на нив не се забележани оштетувања.

Deutschland Flughafen Ausbruch Vulkan Island Flugzeuge Stillstand parken Lufthansa
Фотографија: AP

„И екипажите на авионите не стекнале никаков впечаток дека воздушниот сообраќај на висината на која летале е отежнат. Затоа ги молиме одговорните да не се потпираат само на компјутерски симулации, туку да спроведат прецизни мерења за вистинското влијание на овие облаци“, истакна Валтер.

ЕУ ќе ги утврдува штетите

„КЛМ“ исто така спровел тестови, а неговите авиони летале на вообичаените висини од 10 до 13 илјади метри. Ниту на овие воздухоплови не биле забележани оштетувања.

Flughafen / Frankfurt / Vulkan / Island
Фотографија: AP

Авионските компании трпат штети во милијарди евра поради актуелната ситуација. Во таа насока, Европската комисија денеска донесе одлука да формира специјална група за проценка на состојбите предизвикани од облакот од вулкански прав од Исланд и за утврдување на економските последици од нив.

Како што соопшти претставник на Еврокомисијата, за претседател на оваа група е именуван еврокомесарот за транспорт Сијм Калас, а негови заменици ќе бидат еврокомесарите за конкурентност и државна помош и за економски и монетарни прашања, Хорхе Алмунија и Оли Рен.

Автор: СН/ЕМФ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема