1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирна ноќ на Косово, барикадите забетонирани

18 септември 2011

Сите поважни патишта на северот на Косово и синоќа останаа блокирани од локалните Срби. Состојбата е мирна, но тензична за што придонесоа и синоќешните рафални истрели за кои меѓусебно се обвинуваат Србите и Албанците.

https://p.dw.com/p/12bRC
Барикадите во северно Косово остануваатФотографија: DW

Косовските Срби кои се наоѓаат на барикадите кај селото Зупче тврдат дека синоќа кон нив биле испукани неколку рафали од автоматско оружје, од правец на селото Кошутово, населено претежно со Албанци. Во инцидентот нема повредени, а Албанците тврдат дека не пукале тие, туку дека било пукано кон нив.

Српските медиуми јавуваат дека најверојатно пукале револтирани Албанци кои се блокирани поради поставените српски барикади.

Сите патишта кои од северот на Косово водат кон централна Србија и натаму се блокирани и не им се дозволува на припадници на Еулекс, КФОР и албански полицајци и цариници да се движат низ нив.

Според медиумски извештаи, Србите на неколку места ги забетонирале барикадите и истурале дополнителни количества песок за да оневозможат било какво движење.

Германските медиуми јавуваат дека на меѓународните трупи во Косово им пристигнале две оклопни возила од типот „Дакс“ кои ќе се користат за расчистување на барикадите. Кон почетокот на октомври во земјата треба да бидат испорачани и два водени топа, тврди „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Pionierpanzer Dachs
Тенк „Дакс“Фотографија: picture alliance/dpa

По синоќешните пукотници, косовската полиција започнала со постојани патроли во етничките мешаните средини, додека војници на КФОР влегле во Северна Митровица.

Портпаролот на косовската полиција Бесим Хоти вели дека се воведени 24-часовни патроли во населбите Бошњачка махала, Брѓани и Микро-населба каде освен Срби живеат и Албанци. Од синоќа пред Судот во северниот дел од Косовска Митровица, КФОР постави оклопен транспортер.

Косовскиот весник „Коха Диторе“ денеска пишува дека барикадите практично се под контрола на „криминални групи“ кои имаат поддршка од српската влада. За лидер на акциите, Коха Диторе го означува „лидерот на организираниот криминал на северот“, Звонко Веселиновиќ, со чии камиони, наводно, биле носени песокот и бетонот на барикадите.

Истиот весник пишува и дека преку преминот Мердаре влегле преку 50 камиони од Србија кои превезувале воглавно градежен материјал.

Автор: БГ/бета/миа

Редактор: Жана Ацеска