1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министрите во Владата како „рогови во вреќа“

Катерина Блажевска 2 февруари 2016

Поради опструкции и недостапност до информации, техничките министри и заменици на СДСМ, во Владата не се чувствуваат ни прифатени, ни во „пријателско опкружување“. Пропуштена шанса при изборот на министри, велат експерти

https://p.dw.com/p/1HnO7
Фотографија: MIA

„Како рогови во вреќа“. Ова е разговорен и книжевен израз кој се користи да се опишат непомирливите разлики и несогласувања меѓу одредени субјекти. За жал, овој израз засега е ѝ најилустративна можност да се опише начинот на кој функционираат министрите на владејачката коалиција и новите министри и заменици-министри предложени од СДСМ во македонската влада. За десетина дена социјалдемократските функционери ќе одбележат тримесечен стаж во Владата, а тешко е да се добие одговор на прашањето дали се исполнети целите заради кои тие беа именувани во извршната власт.

Анализата на работата на техничките министри и заменици од СДСМ, треба да се анализира, пред се, од агол на нивниот делокруг на надлежности, вели аналитичарот Сашо Клековски.

„Тие се вовед во 'влада чија мандат е организација на изборите'. Улогата на техничките министри и заменици е да го обезбедат СДСМ дека се спроведува раздвојување на партијата од државата, како дел од подготовка на избори кои ќе се одржат на израмнет терен. Позициите во министерствата се поврзани со изборите (МВР) или со социјални трансфери во Министерството за труд и социјална политика (МТСП); со земјоделски субвенции во Мининистерството за земјоделство, и со капитални вложувања во Министерството за финанси. Додадена вредност од нивната работа треба да биде раздвојување на партијата од државата и избори кои ќе ги признаат сите клучни партии. Оценката за нивната успешност или неуспешност ќе ја оценуваме на изборите и по изборите. Друга надлежност овие функционери немаат и затоа не треба да се поттикнуваат поинакви очекувања“, вели Клековски.

Партиски место мерит-систем

Лесен ли е процесот на одвојување на државата од партијата и со какви предизвици се соочува во секојдневната работа - го прашавме техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Oliver Spasovski
Министерот за внатрешни работи Оливер СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski

„Имам опструкции во секој поглед. Не само што се партизирани околу 500 раководни позиции, туку партизирани се и две- три нивоа под нив. Мене тие опструкции не ме демотивираат, напротив, работам со уште поголем мотив, бидејќи се што работам, е од интерес на граѓаните на Република Македонија. Но, опструкциите негативно влијааат на ефикасноста. Поради нив се губи многу време додека барам начин како да дојдам до одредена информација или документ. Опструкциите ги прават оние кои сакаат да застанат во одбрана на нечии интереси, наместо да ги штитат интересите на Република Македонија. Задоволен сум што почна да се демонтира вмроизираниот систем во министерството. Се отворија многу случаи кои ќе се процесуираат во соодветни постапки. Професионалците добија можност за да го стават нивното професионално искуство во функција на интересите на министерството и државата“, тврди Спасовски.

Тој и министерката труд, Фросина Ременски, направија одредени кадровски смени кои сега се оспорени од Управниот суд. Разврската и двајцата ќе ја бараат преку повисоки судски инстанци. Според Клековски, и двајцата пропуштиле шанса да го применат мерит-системот при кадровските промени.

„Покрај очекуваните меѓусебни блокади меѓу министрите и замениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што создава впечаток на неефикасност, се чини некои од функционерите се вплеткаа во разрешувања и именувања за кои се добива впечаток на кронизам и партиски фаворизам. Очекувано е да се разрешат партиски кадри поставени од ВМРО-ДПМНЕ, но очекувањата не се да се постават партиски луѓе на СДСМ. Бидејќи целта е замена на партиски систем со мерит- систем, и раздвојување на партијата (која било) од државата. Вака се создава впечаток за 'Мурто и Курто'. И СДСМ можеби ја пропушти главната шанса во изборот на кадрите за министри и заменици, кога се одлучи за теснопартиски цели и назначи кадри од самиот врв на партијата, наместо да избере независни кадри со кредибилитет во јавноста, на пример, Гордан Калајџиев во МВР или Звонко Шаврески во МТСП,“ вели Клековски.

Нема право на архивски печат

Вплетканоста во судски постапки го зголемува впечатокот за неефикасност и за бавно отстранување на главните девијации кои можат да го загрозат изборниот процес. Во нив спаѓа и контролата врз задолжувањето на државата, поради сомнеж дека средствата може да бидат искористени за трансфери со кои предизборно се корумпира гласачкото тело. Ветото што на едно задолжување го побара дополнителниот заменик-министер во ресорот финанасии, Кире Наумов, беше одбиено. Тој сега ќе поднесе жалба со која ќе го оспори и денешното ново задолжување. Како што посочува Наумов, министерот Ставрески го дефинирал проспектот за аукција на државни записи и проспектите за аукција на државни обврзници на 29 јануари, односно 3 работни дена пред денот на одржување на аукцијата, а според Правилникот, тоа требало да биде направено 4 работни дена пред аукцијата. И третманот на Наумов во ресорот, не е поразличен од искуствата на неговите колеги од СДСМ.

Saso Klekovski
Сашо КлековскиФотографија: Sveto Toevski

„По ветото што го вложив на задолжувањето, веќе немам ни личен контакт, ни заеднички состаноци со министерот Ставрески. Целата комуникација се одвива преку писмени дописи. На сите раководители им доставив писмо со кое барам документите што ги добива министерот, да ги добивам и јас. До денес никој не го направил тоа. Или, ако побарам одредени информации, добивам одговор дека ни министерот не ги добива. Архивата во министерството одбива да ги завери со печат дописите што сакам да ги испратам надвор од ресорот. Ми велат дека министерот донел посебна уредба со која се овластил себеси, државниот секретар и заменикот-министер да испраќаат дописи од име на министерството. Јас како дополнителен заменик-министер сум немал такво право. Побарав од државниот секретар да ја видам таа одлука, но и по две недели се уште не ми е доставена“, објаснува Наумов.

Според вработени во МФ, Наумов реално нема можност да го сретне Ставрески дури ни во ходник, со оглед дека лифтот кој го користи министерот оди директно до неговиот министерски кабинет.

Граѓаните ќе оценат!

Парите го привлекоа вниманието и во други случаи. Дополнителениот заменик-министер за информатичко оштество, Александар Кирацовски, врз основа на официјални документи, вчера соопшти дека Владата само во последните три години трансферирала 13 милиони евра во телевизиите Сител, Канал 5 и Алфа. Министерката Ременски, пак, со писмо ќе ја информира Владата дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се изземал од обврската да одговара на прашањата испратени од Министерството за труд, а алармираше и за недомаќинско и незаконско работење при планирање на средствата за социјални трансфери од минатата година, кои веќе го нагризуваат буџетот за 2016 година.

Може ли функционерите на СДСМ во Владата да бидат ефикасни ако се соочуваат со опструкции, суптилна изолираност, недостапност до информации..?

На ова прашање засега сите се воздржуваат од директен одговор. Го прашавме и портпаролот на Владата, кој присуствува на владините седници - каков е ангажманот и ефикасноста на социјалдемократските функционери?

„Оценка за тековната работа и ангажман на членовите на Владата може да даде претседателот на Владата, а најдобра оценка ќе дадат граѓаните на следните парламентарни избори“, одговори Александар Ѓеоргиев.