1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерска средба на НАТО во Ница: договор за идните планови во порелаксирана атмосфера

11 февруари 2005

НАТО останува на Косово во досегашниот обем на трупите, ќе преземе поголема улога во Авганистан и позасилено ќе се ангажира околу обуката на ирачките сили за безбедност - резиме на договореното на средбата во Ница. На најновите закани од Северна Кореја и нејзината објава дека поседува атомско оружје министрите за одбрана од Алијансата останаа воздржани.

https://p.dw.com/p/Acvi
Од средбата во Ница
Од средбата во НицаФотографија: AP

Со загриженост, но и воздржаност и резервираност, министрите од земјите на НАТО ја примија веста од Пјонгјанг дека наводно располага со атомско оружје. “Мора да се биде загрижен од аспект на натамошното ширење на атомска технологија, ако Северна Кореја располага со атомско оружје. Јас не знам дали е тоа точно” – рече американскиот министер Доналд Рамсфелд. Неговиот германски колега Петер Штрук оцени: “Тоа се разбира е сериозна ситуација, која може да биде решена по дипломатски пат”.

По средбата на 26-те министри, генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер најави дека Литванија, Италија и Шпанија ќе испратат дополнителни 500 војници во Авганистан, кои на западот на земјата треба да востановат два тима за обнова и една база за снабдување. “Ние уште еднаш потврдивме дека сега имаме средства за да можеме да ги прошириме меѓународните заштитни трупи ИСАФ. Тие во моментов оперираат на северот и ангажманот ќе бидат проширен врз Херат и околните провинции во западниот дел” - рече Шефер.

Потоа НАТО постепено треба да ги преземе и тимовите за обнова на југот и на истокот на земјата. Во моментов Алијансата предводи 7 од вкупно 21 тим – остатокот е под американска команда. Среднорочно треба под капа на НАТО да бидат обединети ИСАФ и антитерористичката операција “Бесконечна слобода”. САД од тоа очекуваат расторарување, додека европските партнери од НАТО страхуваат дека ќе мораат да преземат и опасни борбени ангажмани против Талибанците и Ал Каеда. Германија в лето по парламентарните избори во Авганистан ќе преиспита дали од Велика Британија ќе преземе дополнителен тим за обнова на северот на земјата. “Во октомври, при продолжувањето на мандатот, ќе решаваме дали ќе можеме да преземеме натамошна одговорност. Тоа ќе зависи и од политичкиот развој во Авганистан” – рече министерот Штрук. Во секој случај, не би бил зголемен сегашниот број од 2100 германски војници, за чиј ангажман таму, според Штрук, признание искажал американскиот министер Рамсфелд. Иако тој не го напуштил сосем критичкиот став спрема противниците на војната, атмосферата била значително релаксирана и кога станало збор на тема Ирак. Кога претседателот Џорџ Буш по десетина денови ќе дојде во Брисел, треба да му биде пренесена порака дека сите држави на некој начин ќе учествуваат во мисијата за обука на ирачките безбедносни сили. Сега само 11 од 26-те држави тоа го прават со сопствени инструктори во Багдад. Германија и натаму ќе обучува возачи, инженерци и санитетлии исклучиво во Абу Даби или во Германија, нагласи Штрук.

Министрите на Алијансата договорија со рускиот колега Сергеј Иванов подобра соработка во сузбивањето на меѓународниот тероризам.

Генералниот секретар Јап де Хоп Шефер пренесе дека НАТО останува на Косово со 18 илјади војници, колку што ги има и во моментов, и тоа се’ додека не биде изнајдено решение за прашањето на статусот на српската покраина, сега под протекторат на ОН.