Милошоски не сака „килаво“ посредништво
26 јануари 2010Многу бабици, килаво дете, е одговорот на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски на понудите на неколку странски функционери и државници да посредуваат и да помогнат за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Милошоски денеска ја даде оваа оценка по средбата во Љубљана со словенечкиот колега по функција, Самуел Жбогар.
Милошоски оцени дека засилената реторика и усните најави за помош во спорот не се доволни.
„Многу политичари досега, и европски и регионални, се нашле на таа листа на реторички помагачи, но никој не се квалификувал и не стигнал до финалето на македонско-грчкиот спор“, изјави Милошоски.
Српскиот претседател Борис Тадиќ, словенечкиот премиер Борут Пахор и шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер во последниот период изразија желба да помогнат да се надмине спорот, некои дури и со директни понуди за посредување. Според Милошоски, најдобрата варијанта се директни билатерални преговори меѓу Скопје и Атина.
Официјална Љубљана денеска ја отфрли можноста за посредништво, но соопшти дека сака да помогне во создавањето подобра атмосфера меѓу двете земји.
„Со нашите разговори со грчките колеги ќе се обидеме да направиме позитивна атмосфера што ќе придонесе за решавање на ова прашање. Словенија не може да го реши, ниту може да преземе таква задача, но може да придонесе кон создавање добра атмосфера за полесно решавање на прашањето за време на шпанското претседавање со ЕУ“, рече министерот Жбогар.
Милошоски денеска информираше дека кон крајот на февруари или почетокот на првата недела од март посредникот Метју Нимиц ќе ги посети Скопје и Атина во обид да го обнови преговарачкиот процес.
Автор: БГ/ЖА/миа