Милановиќ: Пресудата од Хаг не ја загрижи Грција
28 јуни 2012Хрватска нема рецепт за проблемот со името меѓу Македонија и Грција и таа не може да се злага за примена на арбитража како можно решение на тој проблем, изјави вчера за Дојче веле во Стразбур хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.
„Позната ми е пресудата на Меѓународниот суд на правдата, но за жал, на Грција не може да и' се наметне решение. Тоа го реков и на пленарната сесија на ПССЕ. Мене ми е жал и тешко ми е да гледам како Македонија веќе со години се наоѓа на страна на слепиот колосек, поради тоа што меѓународната заедница и Грција не можат да се договорат околу решението на проблемот. Нам тој проблем ни изгледа банален, но не велам дека е потребно Грција да го доживува на тој начин. Ние немаме паметен совет за решението на проблемот со името“, рече Милановиќ.
На прашањето на Дојче веле дали постои начини на кој може да се деблокира ситуацијата со Македонија, хрватскиот премиер е категоричен:
„Решението е компромис за името. Но, јас навистина од Загреб, илјада километри подалеку, не можам и би било претенциозно да давам совети што е добро за земјата. Во секој случај и посакувам се најдобро“.
Прашањето за името се однесува и на идентитетот
Притоа тој уште еднаш посети дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата не ја загрижи Грција.
„Затоа би требало да продолжите да разговарате со Грците. Прашањето за името е многу чудно, оти се однесува за името и за идентитетот. Јас нема да давам совети. Но, не е добро Македонија да се чува настрана. Тоа што и' се случува на Македонија е неправедно“, додаде Милановиќ.
Притоа хрватскиот премиер ни рече дека позицијата на неговата земја нема да биде, како членка на ЕУ, да блокира земја која не е членка.