1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите го прикриваат своето потекло

Јорданка Jорданова / Александар Методијев20 декември 2014

Германија има имиџ на отворена земја за доселеници, но дел од мигрантите во неа се чувствуваат маргинализирани. Дел од нив имаат страв од отфрлање доколку го откријат своето потекло.

https://p.dw.com/p/1ADU2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Низ тоа минала и косовската Ромка Низаќете Бислими, која од мигрант пред депортација стана адвокат кој ги застапува доселениците. Таа денес вели: „Јас сум Ромка и сум горда на тоа. Не постои нешто во што сум полоша од сите останати луѓе“. Но, Низаќете Бислими со години го држела во тајност своето ромско потекло.

„Имав страв од маргинализирање. Постојано забележував дека луѓето се’ уште имаат предрасуди. Присутни се сликите од валкани деца-крадци, кои во најдобар случај просат на улица. Си мислев - ако сега се откријам, тогаш ќе бидам исклучена, а тоа не го сакав“, објаснува адвокатката Бислими.

Низаќете Бислими не се осмелувала да зборува за своето потекло дури ниту со најдобрата пријателка Коестан, Курдинка од Иран. Срамот од сопствениот идентитет бил преголем.

„Секогаш одново се обидував да ја натерам да разбере дека таа може да биде горда на себе, на сето она што досега го постигна“, вели Коестан Расти.

Зошто требам да се прикривам?

Разговорите со пријателката и’ помогнале на Низаќете Бислими да го признае своето ромско потекло.

Schwierige Integration am Duisburger Rumänen Problemhaus
Мигрантите стравуваат од маргинализација, доколку отворено зборуваат за своето потеклоФотографија: picture-alliance/dpa

„Откако поблиску ја запознав неа, нејзиното семејство и останатите пријатели, видов дека тие се носат отворено со својот идентитет, со својата култура и со своето потекло. Тоа во секој случај потоа лично ме доведе до тоа да си кажам - и јас исто така имам прекрасна култура и зошто треба и натаму да ја прикривам“, вели косовската Ромка.

Прикривањето на потеклото Бислими го научила од своите родители. Таа пораснала во албанско село. Нејзината мајка е Ромка, а татко и’ Ашкал. Дома се зборувало само албански. Семејството го прикривало потеклото поради страв од дискриминација. Пред 20 години тие дошле во Германија во потрага по подобар живот.

34-годишната Низаќете Бислими денес работи како адвокатка во Есен. Изборот на професијата не е случајност. Долгата битка против депортација ја довела Бислими до правните студии. Иако одобрението за престој не и’ дозволувало студии, Беслими сепак добила место на Универзитетот Бохум. Битката против администрацијата се исплатела. Во 2006-та година таа добила дозвола за престој поради хуманитарни причини. Таа е специјализирана за имиграциски закон.

„Протерувањата се случаи кои многу ме погодуваат. Особено кога се работи за Роми. Некогаш ми станува многу тешко, бидејќи ја познавам ситуацијата од мојот претходен период. Јас се наоѓав пред протерување и затоа знам какво е чувството. Можам да се соживеам со емоциите кои овие луѓе ги имаат во тие моменти“, раскажува Бислими.

Roma-Konferenz im Funkhaus der DW in Bonn
Низаќете Бислими се соочувала со депортација, а сега е адвокат кој ги застапува мигрантите пред германските органиФотографија: DW/N. Cukucan

Тркалото се врти

Таа работи во адвокатската канцеларија, која со години го застапувала нејзиното семејство пред германските органи. Големо олеснување на почетокот на кариерата и’ било што не требала во канцеларијата да зборува за своето потекло. Колегите веќе и’ ја знаеле приказната. Тие ја ценат нејзината професионална компетентност.

„Сметам дека има нешто посебно во тоа што некој доаѓа во нашата малку затворена канцеларија, бидејќи ние сме стари партнери, четворица стари господа кои ја водиме канцеларијава со децении. Не прифаќаме било кого, но нејзе - да“, вели адвокатот и нотар Клаус Ротфал.

„И јас исто така сум човек како сите други. Мојата крв е исто така црвена. Јас би го советувала секого да се држи до тоа што е, бидејќи човекот или те сака или не те сака, ама не поради тоа што имаш одредено потекло“, вели адвокатката Бислими.

Низаќете Бислими научи да се прифати себеси. Таа е Ромка, па што?