1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу надеж и отрезнување

Јанис Пападимитриу/З. Јордановски6 февруари 2015

Една недела по величествената победа на изборите на левичарската партија Сириза, многу Грци стравуват за иднината. Но, тие исто така велат: понатаму не може да оди како што беше досега.

https://p.dw.com/p/1EWYs
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Првите сигнали што досега ги дава новата влада под раководство на левичарскиот политичар Алексис Ципрас изгледаат противречни. Таа, на пример, навестува компромис со доверителите, но не сака да отстапи од своите барања за нови преговори за долговите. Таа сака да го реализира централното предизборно ветување дека ќе ја покачи минималната плата на 751 евро, но не веднаш, туку по шестмесечен период на консултации. Таа сакаше да ја укине агенцијата за приватизација ТАИПЕД, но решението на надлежната министерка е отповикано. Сега Грците очекуваат јасни зборови од Ципрас, кој в недела (08.02.2015) ќе даде владина изјава во парламентот, а в понеделник веројатно ќе се гласа за доверба на владата.

За Агапи Петропулу, адвокат, нема сомневање: „Вршењето владини работи принудува на отстапки и тоа ќе ја направи новата влада донекаде повоздржана. Најголем дел од Грците и не очекуваат ништо друго“. Настапи ли, значи, отрезнување по само една недела од формирањето на новата влада? Луѓето би се радувале на политички промени, макар и само поради надежта што се поврзува со тоа. „Во предизборната кампања се ветува многу и во најдобар случај можеби само еден дел од тоа ќе биде спроведено. Но, подобро е дури и некоја мала промена, отколку никаква“. Петропулу во разговор за Дојче веле укажува дека претходната влада кај луѓето создала чувство дека никогаш нема нешто да се смени. Затоа многумина копнееле по алтернатива.

Кризата принудува на преобмислување

Минатата година 35-годишната адвокатка и во професијата морала да побара алтернатива: „Пред кризата во прв ред се занимавав со трговско право. Денес се занимавам првенствено со репрограмирање на долгови и побарувања на банките“. Освен тоа, силниот скок на вредноста на швајцарскиот франк откако е укинато неговото врзување за минимален курс на еврото, ги доведува до очај сопствениците на куќи, кои ги купиле пред избувнувањето на должничката криза со земање кредит врзан за вредноста на франкот. Сега тие имаат проблем со плаќањето на ратите од кредитот и очекуваат нова регулатива за нивните долгови спрема банките, вели Петропулу.

Porträt Alexis Tsipras
Новиот грчки премиер Алексис ЦипрасФотографија: Hasan Mroue/AFP/Getty Images

Но, во Атина има и луѓе кои во кризата буквално гледаат и шанса, како на пример електроинженерот Илиас Јанопулос. По студиите во Шкотска и школувањето за виртуелна реалност во Барселона, тој во 2013 година се врати во Атина и оттогаш работи за основање услужно претпријатие за тридимензионално печатење. Тој профитира од една програма за помош востановена од градот Атина, која му овозможува до март 2015 својата лабораторија да ја смести во еден реновиран и многу посетуван продажен пасаж. Јанопулос се надева дека потоа ќе може да застане на свои нозе. „Во ниту еден момент не се покајав што се вратив во Грција среде кризата. За иднината ме охрабрува и самото чувство дека сум опкружен од креативни луѓе“, вели 36-годишниот Јанопулос во разговор за ДВ.

Тој работи нон-стоп за реализација на својата бизнис-идеја. Високата политика сега мора да биде во заднина: „Мислам дека работата ќе се сврти на подобро, но уште е прерано за оцена. Мислам дека треба да почекаме најмалку два до три месеци. Ова секако ќе биде критично време“, вели електроинженерот Јанопулос..

Надеж за компромис

Агапи Петропулу исто така очекува критично време посебно за разговорите со кредиторите. Таа објаснува дека многу луѓе во земјата во меѓувреме се на мислење дека дури и излегување на Грција од еврозоната не би било многу потрагично од она, што тие денес мораат да го поднесуваат. Но, вели и дека “не само Грците, туку и кредиторите ќе попуштат кај еден или друг пункт. Мора да се најде компромис, оти излегување на Грција од еврозоната не е во ничиј интерес“.

Мноштво Грци повторно излегуваа на улица, сега за да изнудат компромис според сопствените гледишта. Во четвртокот (05.02.2015) во Атина за прв пат дојде до демонстрации против заострениот курс на ЕЦБ (Европската централна банка) спрема Атина. Повод беше решението на ЕЦБ веќе да не прифаќа грчки државни обврзници како гаранции за кредити за грчката национална емисиона банка. „Не дозволуваме да бидеме уценувани“ изјавија преку Фејсбук организаторите на собирот, кои се именуваат како „Граѓанска иницијатива“ и кои најавија натамошни протестни акции во наредниот период. „Сакам да ја подржам новоизбраната влада, Европа конечно мора да не респектира“, се буни една демонстрантка која не сака да си го каже името. За ДВ кажа само толку, дека е геолог и пет години е без работа. Во тој период од агенцијата за вработување добила само еднаш работа за 490 евра месечно. „Новата влада ни ја врати гордоста“, се радува таа, држејќи грчко знаме во раката.