1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месиќ на Косово: провокација или дипломатија?!

8 јануари 2010

Белград не е задоволен поради посетата на Месиќ (08.01.2010) на Косово, во неа гледа уште една политичка провокација. За Загреб, пак, посетата на Месиќ претставува продолжение на поддршката на косовската независност.

https://p.dw.com/p/LOW3
Посетата на Месиќ на Косово го иритира официјален БелградФотографија: Marija Kundek

Заминувањето на хрватскиот претседател Стипе Месиќ на Косово стана нешто повеќе од вообичаена дипломатска посета. Официјален Белград најпрво остро реагираше на самиот тајминг на посетата, која првично беше планирана за православниот Божик, а откако таа беше префрлена за ден потоа, уследија и други забелешки, во прв ред, дека на тој начин ќе се влошат и онака заладените односи меѓу двете земји.

За време на посетата на Косово, предвидено е Месиќ да прими високи одликувања, како и титулата почесен граѓанин на Приштина. Сето тоа во Белград беше дочекано доста драматично. Директорот на „Граѓанската иницијатива“, Миљенко Дерета вели дека тоа е така поради фактот што секое признавање или непризнавање на Косово се толкува како успех или неуспех на српската надворешна и внатрешна политика.

„Тоа едноставно стана еден вид мантра, во која се што е врзано за Косово е всушност поделба меѓу пријателство и непријателство кон Србија и спрема Србите. Мислам дека тоа на тој начин го чувствуваат политичките елити, и на тоа, за жал, работат и го поддржуваат и многу медиуми“.

Според Дерета, во Белград секоја посета на некој кој го признал Косово се гледа како на политичка провокација. Со таа разлика што срамежливо се протестира кога се работи за претставници на големи сили, а соседите се третираат како рамноправни противници на кои може да им се покажува сила.

Продолжување на доследната политика

Во Загреб, посетата на Месиќ се гледа како доследност на неговата политика. Професорот на загрепскиот факултет за политички науки, Бранко Царатан вели дека Месиќ бил еден од оние кои ја поддржувале политиката која водеше кон независноста на Косово и дека актуелната посета е во рамките на таа политика. Тој нема дилеми дека посетата дополнително ќе ги испровоцира односите со Србија.

„Во тоа не треба да постои сомнеж. Но, претседателот Месиќ поради својата претходна политика тука не можеше да прави некакви особени отстапки. Впрочем, Косово го признаа и многу други земји со кои Србија и натаму одржува нормални односи без никакви проблеми“.

Kosovo ist Serbien Graffiti
За Србите, Косово и понатаму е Србија, но не и за остатокот од светотФотографија: AP

Реакции на граѓаните

Реакциите на обичните граѓани за посетата на Месиќ, на улиците на Белград се шаренолики, иако мнозинството во неа гледаат знак за непочитување кон Србија. Во таков стил се и одговорите на прашањето, како Месиќ ги заслужил највисоките признанија од косовските институции.

„Исто како што и Обама заслужи да добие Нобелова награда за мир. Ова е земја на апсурди, бидејќи целиот регион е апсурден, така што и кај нас има такви работи и кај нив, не сме многу оддалечени. Бидејќи какви заеднички интереси би можеле да имаат Хрватите и Албанците, освен што нам ни посакуваат лошо... Сепак мислам дека овде се пари во прашање“.

„Хрватска веројатно има некој интерес поради кој тој оди таму и ја поддржува независноста на Косово. Србија тука не може ништо да смени, затоа што големите сили го признаа тоа, и тоа е завршена работа. Сега треба да се види како може да се реши тој проблем и да имаме добрососедски односи, бидејќи тоа би било најдобро и за нас и за Србите на Косово“.

Има и такви кои во посетата на Месиќ гледаат политичка провокација.

„Во моментов ние се натпреваруваме со нив, кој кого ќе надмудри. Само така треба да се гледа. Јас мислам дека во суштина нема никакви промени, но ете, сето тоа е смислено за ние малку да се изнервираме“.

Автор: Ивица Петровиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска