1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Кај Грција нема волја за компромис

Зоран Јордановски/дпа/афп/ртре29 јуни 2015

Вината за неуспехот на преговорите за програмата за помош канцеларот Ангела Меркел и’ ја префрли на Грција. Вицеканцеларот Габриел вели дека референдумот ќе решава за останувањето на Грција во еврозоната.

https://p.dw.com/p/1FpgV
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Германскиот канцелар Ангела Меркел и’ ја префрли на Грција вината за неуспехот на преговорите: „Мора едноставно да се констатира дека на грчката страна немаше волја за компромис“, рече Меркел по денешната средба со шефовите на фракциите и на партиите застапени во Бундестагот. Но, таа и’ понуди на Грција натамошна поддршка и нови разговори во однос на долгот, но дури по одржувањето на планираниот референдум.

Меркел уште еднаш нагласи дека европските партнери на Грција и’ понудиле „извонредно широкограда програма“. Но, тие преговори не можеле да бидат доведени до крај поради грчкото решение за одржување референдум во врска со таа програма. Но, за разлика од пред неколку години, според Меркел, Европа денес е подобро подготвена „за постапување со една ваква кризна ситуација“.

Таа истакна дека во еврозоната „принципите за сопствена одговорност и солидарност се две страни на ист медал“. Обете работи не смеат да се доведуваат под прашање, Европа може „да егзистира само ако е способна за компромиси“, рече Меркел и нагласи: „Ние сме подготвени да помогнеме, доколку е тоа неопходно“. Според неа, и натаму се во игра сите од европска страна понудени „конјунктурни импулси за Грција“.

Deutschland Merkel und Gabriel PK im Bundeskanzleramt zur Griechenland-Krise
Ангела Меркел и Зигмар ГабриелФотографија: Reuters/F. Bensch

Парламентарна дебата за Грција

Ангела Меркел најави за в среда парламентарна дебата на тема Грција, на која ќе зборуваат таа самата, министерот за стопанство Зигмар Габриел, како и министерот за финансии Волфганг Шојбле. Меркел рече и дека во моментов не гледа причина за вонреден самит на шефови на држави или на влади на ЕУ пред референдумот во Грција. „Мораме да бидеме претпазливи какви пораки испраќаме. На покана јас во секое време ќе патувам. Но во моментов не гледам принудна причина за правење таков вонреден самит“. Меркел беше категорична и дека нема намера да оди во Атина пред референдумот што треба да се одржи в недела.

„Да или не за еврозоната“

Тој референдум ќе реши и за опстанокот на Грција во еврозоната, оти во крајна линија станува збор за прашањето „Да или Не за еврозоната“, изјави по средбата во Берлин вицеканцеларот и министер за стопанство Зигмар Габриел. Тој нагласи дека еврото нема да пропадне поради исходот на тој референдум, но би пропаднало ако натамошно бидат намалени обврските, како што бара Атина. Напротив, со засилени барања еврото ќе остане „силна и сигурна валута“, оцени социјалдемократот Габриел. Тој повторно го критикуваше грчкото „не“ за понудата од институциите на доверителите. Таа понуда покажуваше некој излез од кризата и освен тоа содржеше обѕири за тешките социјални проблеми. Германија и Европа не можат трајно да даваат „безусловна финансиска помош“ на Грција, категоричен беше Зигмар Габриел.