1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Германците да го поддржат уништувањето на Исламската држава

Б. Георгиевски/дпа3 октомври 2014

Во говор на празнувањето по повод германското обединување, канцеларката Меркел испрати порака до своите сонародници дека борбата против терористите од Исламската држава е и во нивен интерес.

https://p.dw.com/p/1DPVn
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Германците треба да ги надминат своите пацифистички тенденции и да ги поддржат напорите за уништување на движењето Исламска држава кое освои делови од Сирија и Ирак, порача германската канцеларка Ангела Меркел во говорот по повод прославата на повторното германско обединување.

„Можеби постои искушение да не се вмешуваме во борбата против овие терористи, или надеж дека проблемот ќе се реши сам од себе. Но нема“, порача Меркел во говорот во Хановер.

„Ова е предизвик за целиот свет, не само за САД, за арапските држави или за регионот. Да се застане на патот на тероризмот на Исламската држава е и во интерес на Германија. Џихадистите се закана и за нашата безбедност“, рече Меркел.

Многу Германци се скептични во однос на учеството на нивната земја во војната против ИД. Воените операции на германската армија против Талибанците во Авганистан беа многу непопуларни во земјата.

Меркел, сепак, не даде никакви индиции дека Германија дополнително воено ќе се ангажира во војната, освен преку проектот, кој веќе започна, за вооружување на курдските Пешмерга борци. Таа сигнализираше дека Германија ќе го блокира заминувањето на млади муслимани кои сакаат да и се придружат на ИД.

„Младите луѓе кои се родени и израснале тука мора да бидат спречени на секој можен начин да им се придружат на џихадистите во кампањата против секој кој живее или верува различно од нив“.

Русија им се враќа на „старите навики“

Германската канцеларка исто така ја обвини Русија, иако не ја спомена со име, за враќање кон „старите навики“.

Tag der Deutschen Einheit 2014 Hannover
Германскиот државен врв на прославата во ХановерФотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

„Гледаме дека меѓународното право и принципот на територијалниот интегритет, фундаменталните принципи по крајот на Втората Светска Војна и Студената војна, отворено се оспоруваат среде Европа и дека се враќаме кон старите ментални навики во кои на соседните држави не се гледа како на партнери, туку како на сфери на влијание. Токму тоа се случува во Украина“, рече Меркел.

„Надвор од границите на ЕУ, ние мораме да ги поддржиме оние во соседството кои ги споделуваат нашите вредности во обид да изградат држави врз основа на самоопределување, како што се Украина, Молдавија и Грузија“, порача германската канцеларка во говорот во Хановер.