Победа на Демократот Ворнок во Џорџија
6 јануари 2021Демократскиот кандидат за Сенатот, Рафаел Ворнок успеал да извојува победа против својата противкандидатка, републиканската сенаторка Кели Лофлер, како што јавуваат утрово телевизиите Си-Ен-Ен, Си-Би-Ес и Ен-Би-Си.
Исходот од вториот изборен дуел ќе биде решавачки дали Републиканската партија на претседателот во заминување, Доналд Трамп, ќе остане во мнозинство во Сенатот или и таму ќе доминира Демократската партија на новиот претседател Џо Бајден. Од гласањето за двајцата претенденти – републиканскиот сенатор Дејвид Пердју и неговиот демократски предизвикувач Џон Ософ засега нема официјален резултат, трката меѓу нив е многу тесна, но Ософ има мала предност.
Повеќе на темата:
Џорџија ја решава иднината на САД
„Криминален и опасен“: Револт по телефонскиот повик на Трамп во Џорџија
Бидејќи Демократската партија веќе има мнозинство во Претставничкиот дом, освојувањето на двата сенаториски мандати во Џорџија би ѝ обезбедило доминација и во Сенатот, а со тоа и во целиот Конгрес. Контролата на Демократите во целиот Конгрес значително би го олеснило владеењето на Џо Бајден. Доколку пак Републиканците го зачуваат мнозинството во Сенатот, имаат можност да ги блокираат политичките проекти и персоналните одлуки на идниот претседател. Џо Бајден на 20 јануари треба да биде инаугуриран и да го замени Доналд Трамп на претседателската функција во САД.