„Мајки“ го отвора „Браќа Манаки“
16 октомври 2010Најновиот филм на Манчевски е надвор од официјалната програма, во која се 12 филмови од најновата продукција и наградувани на фестивали во светот. Тие се во трка за трите награди „Камера 300“ – Златна, Сребрена и Бронзена, а за нив ќе одлучува петчлено жири со кое ќе претседава оскаровецот Вилмош Жигмонд - кинематограферот кој годинава е и лауреат на Златна камера 300 за животно дело.
Тој е специјален гостин во Битола, заедно со директорот на фотографија Роџер Прат и американската актерка Дерил Хана – кои се добитници на специјални награди Камера 300.
За првпат прикажување на седум филма на браќата Манаки
Покрај филмовите од главната програма, на седумдневниот фестивал ќе бидат прикажани и филмови кои третираат реални приказни во програмата „Нови визии“, документарни, кратки и филмови за деца.
Премиерно ќе бидат прикажани и три македонски филмови - „Мајки“ на Манчевски, „Некои поинакви приказни“ - филмски парчиња од пет балкански режисерки, меѓу кои е и Марија Џиџева од Македонија, и филмот „Војната заврши“ на Митко Панов. Во соработка со Кинотека на Македонија, пак, првпат ќе бидат прикажани целосно седум филмови на браќата Манаки, како и омаж за карикатуристот Делчо Михајлов и неговите анимирани филмови. Во фокусот на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“ се три национални кинематографии - израелската, бугарската и финската.
Рекордни 95 филмови во сите категории
Организаторите најавија околу 400 домашни и странски гости – од екипите на филмовите што ќе бидат прикажани, директори на филмски фондови, актери, режисери, филмски работници… Ќе бидат организирани и работилници, со учество на новинари и филмски критичари од познати светски списанија, како „Варајети“ и „Скрин интернешнл“.
Фестивалот ќе биде затворен на 22 октомври кога во чест на лауреатот Жигмонд ќе биде прикажан филмот „Ќе сретнеш висок мрачен странец“ во кој тој е кинематографер, а режисер е Вуди Ален..
Проекциите ќе бидат во големата и малата киносала во Центарот за култура во Битола, а за подобар квалитет на сликата и звукот, ќе биде донесена техника од Сараевскиот филмски фестивал. Буџетот на фестивалот е околу 200.000 евра – 4 милиони денари од Министерството за култура, 3 милиони денари од Општина Битола, а останатите средства се обезбедени од спонзорите на фестивалот.
Автор:СН/БГ/МИА
Редактор: Симе Недевски