1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајка Тереза ќе биде прогласена за светица

БГ/дпа/ртр18 декември 2015

Ватикан го призна и второто „чудо“ кое ѝ се припишува на католичката калуѓерка, со што е отворен патот за нејзино прогласување за светица. Мајка Тереза беше беатификувана од Ватикан во 2003.

https://p.dw.com/p/1HPYt
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Munir

Папата Франциско ја одобри одлуката со која се признава и второто „чудо“ на Мајка Тереза, отворајќи го патот за католичката калуѓерка да биде прогласена за светица.

Мајка Тереза им го посвети животот на сиромашните и болните во Индија.

Според извештаите во ватиканскиот печат, Папата ја потпишал одлуката во четвртокот на неговиот 79-роденден.

Претходно, комисијата на Ватикан го прифатила необјаснетото оздравување на еден човек од Бразил кој страдал од сериозна мозочна болест. Ватикан заклучил дека молитвите на неговата сопруга кои биле насочени кој Мајка Тереза, го излекувале мажот. Признавањето на „чудо“ е дел од процесот на осветување на Ватикан.

Не е утврден датум за канонизацијата на Мајка Тереза, но медиумите шпекулираат дека тоа ќе се случи во првата половина на септември за да коинцидира со годишнината од нејзината смрт.

Vatikan Papst Franziskus Messe zur Eröffnung des Heiligen Jahres
Папата ФранцискоФотографија: Getty Images/AFP/A. Solaro

Мајка Тереза, која е родена во Скопје како Агнес Гонџа Бојаџиу во 1910 година, почина на 5 септември 1997 година на 87-годишна возраст. За својата работа ја доби и Нобеловата награда за мир.

Додека беше жива нејзиниот калуѓерски ред во Калкута броеше околу 4 илјади калуѓерки кои се грижеа за околу 600 сиропиталишта, народни кујни, прифатилишта за бездомници и болници.

Мајка Тереза беше беатификувана од Ватикан во 2003 година откако беше признато првото чудо, односно тврдењето на една Индијка дека молитвите кон Мајка Тереза ја излечиле од неизлечив тумор. Беатификацијата ја изврши Папата Јован Павле Втори и оттогаш таа ја носи титулата Благословената Тереза од Калкута.