Мајка Тереза - светица
Мајка Тереза, сестра од индиски калуѓерски ред со албански корени, наречена „ангел на сиромашните“, во септември оваа година ќе биде прогласена за светица, неполни две децении по смртта во 1997 година.
Родена во католичко семејство во Османлиското царство
Агнеса Гонџа Бојаџиу (на фотографијата десно) уште како дете чувствувала привлечност кон животот посветен на верата. Таа е родена на 26 август 1910 година во католичко албанско семејство во тогашното Османлиско царство. Традиционалната народна носија, како на фотографијата, таа на 18 години ја заменила со облеката на ирскиот ред на Лорето-сестрите.
Живот посветен на болните и сиромашните
Наскоро Мајка Тереза станала учителка во училиште раководено од ирскиот ред на Лорето-сестрите во индискиот град Калкута, каде поминала 17 години, на крајот и како директорка. Својата учителска кариера ја завршила во 1946 година, чувствувајќи се повикана од Исус да им помага на болните, најсиромашните и оставените деца во сиромашните квартови на Калкута.
Мисионерка на љубовта кон ближниот
Мајка Тереза, заедно со припадничките на редот кој го формирала, „Мисионерки на љубовта кон ближниот“, целосно се посветила кон поддршка на жителите на нејзината новоизбрана татковина, кои живееле во беда. На срце посебно и‘ лежеле заболените од лепра и децата со телесни недостатоци.
Признанија и критики
Во 1979 година Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир, едно од бројните меѓународни признанија за својот хуманитарен ангажман. Но, за Мајка Тереза во преден план остана религиозниот ангажман. Критичарите и‘ префрлуваа дека во својата грижа за закрепнување на душите на болните, го запоставува ефикасното медицинско згрижување.
Индиска католичка
Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година, на 13 септември во Калкута и‘ беше приреден погреб со државни почести и беше погребана во манастирот кој сама го основаше. Во заднината се гледа зградата Кралица Викторија во Калкута. Мајка Тереза уште во 1947 година, кратко по прогласувањето независност, зеде индиско државјанство. Уште тогаш таа течно зборуваше бенгалски јазик.
Папска поддршка
Папата Јован Павле Втори беше голем поддржувач на Мајка Тереза (на фотографијата при една приватна аудиенција во 1992 година). По смртта на Мајка Тереза во 1997 година, папата даде поддршка за почеток на најбрзата канонизација во поново време, која почна околу две години подоцна и заврши со прогласувањето на Мајка Тереза за блажена во есента 2003 година.
Непрекинато давање почест
Католиците не престануваат да и‘ оддаваат признание на Мајка Тереза, посебно поради Редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“. Според наводите од Ватикан, околу 5300 сестри од овој Ред работат во преку 130 земји во светот. Редот раководи со 762 објекти, меѓу кои домови за луѓе на умирање, сместувалишта за болни од лепра или сида, бездомници и деца.