Матурските забави во знакот на свечената облека
25 мај 2013Во УСО „Коле Неделковски“ во Велес поголемиот дел од матурантите исто како и нивните врсници од Битола, Куманово и Тетово се' со скоро идентични размислувања за својата матурска вечер.
Матурантот Тодор Мазнев вели дека никој од неговата генерација воопшто и не размислувал за поинаква забава, отколку добро позната матурска прослава. „Професорите ни посочуваа поскромно, но сите ние купивме нова гардероба која едвај чекаме да ја облечеме, ќе имаме и забава со голем оркестар на мотелот. После тоа закажавме и афтер парти забава во една дискотека, а сето тоа ќе биде заокружено со зурли и тапани во кругот на училиштето утрото каде ќе ја завршиме забавата. Плус ова ќе имаме дополнителна прослава некоја друга вечер дома или во ресторан каде ќе прославуваме со роднините, пријателите и другарите“.
Девојките пак имаат поголем проблем и желба, да имаат најдобра шминка и гардероба, а за што некои од нив се советувале и со моден креатор. Задолжително одат на фризер, а најново и на маникир, солариум и слично.
Во Економското училиште „Јовче Тесличков“ во Велес каде најголемиот дел се девојки, подготовките околу гардеробата траеле со месеци.
Матурантката Софија Андонова ни појаснува: „Не, не' сме размислувале за поинаква матурска вечер, ќе имаме класична забава со многу музика. Јас си купив гардероба од странство и едвај чекам да ја облечам, се разбира ќе имам и соодветна фризура и шминка“.
Посакувавме една поинаква матурска вечер
Матурантката Теодора Блажевска со разочарување вели дека со месеци посакувале и им предлагале на останатите од генерацијата, понаква матурска забава.
„Нашиот клас во кој сме дваесетина девојки баравме поинаква забава во дискотека со вообичаена гардероба, кој како сака, а може да дојде и со фармерки и маичка. Но, тоа за жал тоа не го прифатија останатите од генерацијата и затоа и годинава матурската прослава е по старата веќе видена шема“.
Професорите и социолозите со поинакво мислење
Мирјана Трајановска професор по македонски во УСО „Коле Неделковски“ во Велес, посочува дека е крајно време нешто да се менува во прославите.
„Многу одамна пред 40-тина години беше кога јас славев матурска вечер и сега има матуранти. Како што гледам од таа далечна временска дистанца ништо не се изменило во прославите. Сметам дека е крајно време да се најдат нови форми за прослава на матурските вечери“.
Марина Јанушева социолог во Економското училиште „Јовче Тесличков“ во Велес констатира дека матурските вечери во Велес и цела Македонија се слика на еден менталитет, кој има потреба од помпезни забави, и е крајно време е да се сменат.
„Нашиот менталитет за жал и понатаму креира класични матурски забави со многу непотрени детали. Крајно време е некоја следна генерација што поскоро да излезе од класичното клише и на матурска вечер отиде со фармерки и вистински да ужива во својата забава. Посебно родителите треба да стават стоп на непотребните скапи забави дома и во ресторани со 200 и повеќе гости како за свадба. Матурската вечер треба да остане во меморијата на матурантите по дружењето и забавата, а не по тоа кој и како бил облечен и слично“.