Масакрот на децата во Сирија го шокира светот
27 мај 2012ОН побараа итна меѓународна акција во Сирија, по ужасниот масакр во кој, според сириската опозиција, при артилериски напади на владините сили вчера биле убиени 92 лица, од кои повеќе од една третина се деца.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и пратеникот на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан, издадоа заедничко соопштение во кое го осудија „ужасното и брутално злосторство“ во кое е користена непропорционално голема сила а целиот чин претставува „флагрантно кршење“ на меѓународниот закон и кршење на ветувањето на сириската влада дека нема да користи тешко вооружување или насилство.
„Извршителите на злосторството мораат да одговараат“, рече Анан.
Шефот на мисијата на ОН во Сирија генерал мајор Роберт Муд изјави дека набљудувачи на организацијата го посетиле градот Хула, во централната провинција Хомс, каде избројале 92 безживотни тела.
Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг соопшти дека неговата земја итно се консултира со своите сојузници и оти разгледуваат силен меѓународен одговор на масакрот, а во консултациите учествуваат СБ на ОН, ЕУ и организации на ОН за човекови права.
Бунтовничката Слободна сириска армија соопшти дека повеќе нема да го почитува мировниот план за Сирија, кој го поддржаа ОН, се‘ додека светската организација итно не интервенира со цел да ги заштити цивилите.
Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле рече дека е „шокиран и ужаснат“ од најновите убиства во Сирија.
„Ужасно е што сирискиот режим не го прекина бруталното насилство против сопствениот народ. Одговорните за тоа злосторство мора да бидат казнети“, рече Вестервеле.
Новиот министер за надворешни работи на Франција Лорен Фабијус ги осуди злосторствата кои режимот на Башар ал-Асад ги извршил над својот народ и свика итен состанок во Париз во врска со сириската криза.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон изрази ужаснување од убиството на 92 лица во сирискиот град Хула, ги осуди „одвратните дејства на режимот во Дамаск“ и повика за неодложен прекин на насилството.
Американскиот државен секретар Хилари Клинтон исто така остро го осуди масакрот. Белата куќа соопшти оти е ужасната поради бруталниот напад во Сирија во кој се убиени над 90 лица. Претставничката на министерството за Национална безбедност на САД Ирин Пелтон рече дека сирискиот режим „на мирните политички протести одговара со неизречива и нечовечка суровост“.
Планот на Кофи Анан, кој повикува на примирје, повлекување на војската од градовите и дијалог меѓу власта и опозицијата, не го запре 14-месечното насилство во Сирија, во кое, според податоците на ОН, се убиени над 10.000 лица.