Марк Закерберг и Лејди Гага на листата на „Форбс“ на најуспешни луѓе
20 декември 2011Основачот на социјалната мрежа „Фејсбук“, Марк Закерберг, активистот за заштита на човековите права Ронан Фароу, американската поп ѕвезда Лејди Гага и 17-годишниот канадски пејач Џастин Бибер се на листата на списанието „Форбс“ на најуспешни луѓе под 30 години.
Некои од имињата на листата се многу познати, други не се толку, но сме целосно уверени дека ќе слушнеме многу за нив во следната деценија, изјави уредникот на „Форбс“, Мајкл Ноер.
Списанието ги класифицираше 30-те најуспешни млади луѓе во 12 категории, од политиката, недвижнините и финансиите до забавната индустрија, науката и музиката.
Во категоријата политика и право листата ја предводи Ронан Фароу, син на култниот американски режисер Вуди Ален и холувудската ѕвезда Миа Фароу. Ронан е специјален советник на американскиот државен секретар Хилари Клинтон за прашањата за младите.
Во категоријата музика фигурираат британската пејачка Адел и познатите американски поп ѕвезди Кети Пери и Риана.
Автор: СН/ АТ/ миа
Редактор: Ж. Ацеска