1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малцинствата стравуваат од пописот на Косово

8 февруари 2011

На Косово, со обука на членовите на општинските комисии, почнаа подготовките за пописот на населението, кој треба да се одржи од 1-15 април 2011. Претставниците на некои малцински заедници се плашат од исходот.

https://p.dw.com/p/10CSo
Призрен е еден од најмултиетничките градови во КосовоФотографија: Filip Slavkovic

Официјалните косовски претставници, и на централно и на локално ниво, постојано повторуваат дека податоците од пописот ќе служат „исклучиво за планирање на натамошниот развој и дека нема да бидат политички обоени“, како „во времињата на поранешна Југославија“. Но, на терен се случува нешто спротивно. Примерот од Призрен, каде во деветчлената општинска пописна комисија само еден член е од не-албанската заедница, можеби најдобро ги демантира таквите декларативни залагања.

Садик Идризи, претседател на бошњачката Демократска партија „Ватан“, смета дека пописот за неговата заедница ќе биде голем предизвик:

„Можно е да има притисоци од страна на мнозинската заедница, за поединците да се изјаснуваат како припадници на мнозинската, албанска заедница. Тоа го имавме и порано. Се плашам дека нашата заедница, која бројчено е загрозена со заминување и напуштање на Косово, ќе биде ’нападната’ да се изјаснува поинаку отколку што е“, вели Идризи.

Pristina on a shoestring
За да бидат попишани, косовските граѓани мора да бидат во своите родни местаФотографија: Nate Tabak

„Како да не се раѓаме и умираме“

И Хаџи Зуљфи Мерџа, претседател на Ромската партија, стравува дека ќе „има притисоци“ врз припадниците на неговата заедница:

„Сметам дека мнозинството од моите Роми, од страв, ќе се пишат или како Турци, или како Албанци, или како неопределени.“

Орхан Лопар од Турската партија на Косово, член на општинската пописна комисија во Призрен, очекува, како што вели, „исправање на неправдата кон неговата заедница“:

„Постојано ни‘ велат дека не‘ има околу дванаесетипол илјади. Толку не‘ имаше и во 1981 и во 1991 година, како да не се раѓаме и да не умираме“, вели Лопар, додавајќи дека „турскиот јазик на Косово го зборуваат околу 250.000 граѓани. „Тоа не значи дека ги има толку, но сигурно ги има повеќе отколку што официјално се прикажува“, смета Лопар.

Право на попис имаат сите граѓани на Косово кои се живи до 31 март, или се родени до тој ден. За да бидат попишани, тие мора да бидат во своите родни места, што ќе биде дополнителен проблем за бошњачката и ромската заедница, поради тоа што повеќе десетици илјади нивни сонародници се наоѓаат во странство.

Автор: Рефки Алија / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски