1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малцинствата во Албанија заеднички против пописните резултати

Вера Тодоровска14 декември 2012

Малцинствата во Албанија категорично твдат дека објавените бројки по пописот не ја отсликуваат реалноста во Албанија. Тие најавуваат обраќање до сите внатрешни и меѓународни институции.

https://p.dw.com/p/172dv
Фотографија: BildPix.de/Fotolia

Македонците заедно со Грците, Власите, Ромите,Србите и Црногорците денеска во Тирана потпишаа заедничка Декларација со која се запознава албанската јавност, државните и меѓународните институци дека не ги признаваат официјалните резултати од ланскиот октомвриски попис. Текстот на декларацијата, кој беше прочитан пред медиумите ќе биде испратен до сите државни и меѓународни институции.

„Ние ги сметаме нив за крунисување на сите спроведени активности на штета на малцинствата од страна на државните, политичките и медиумските преставници. Така како што предупредивме, така како што и Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советото на Европа го третираше пописот, процесот на попишувањее на населението, собирањето на податоците за етничката и верската припадност, беше недемократски процес, нетранспарентен и противуставен и се спроведе со безбројни прекршоци, арбитрарни акции, и како што се гледа и податоците се манипулирани“, стои во декларацијата и се нагласува дека малцинствата категорично твдат дека објавените бројки не ја отсликуваат реалноста во Албанија.

Според малцинствата, како што стои и во декларацијата, по една нетолерантна и напната клима од страна на мнозинството врз малцинствата, по бришењето на националноста од регистрите од матичната евиденција, по употребата и потикнување на говор на омразата кон малцинствата од страна на претставници од политиката и медиумите, и националистичките акции на штета на малцинствата, давањето на ваквите резултати е нелегално за авторите, но очекувано.

„Но ние не можеме да молчиме, затоа што овие манипулирани податоци преставуваат сериозна закана за пропаѓање на етничките и верските баланси, влијаат врз општествениот соживот, ги стопираат европските интеграци на Албанија, го влошуваат демократскиот изглед на општеството и не ги гарантираат основните прават и слободи на државјаните на оваа земја“, стои во текстот на декларацијата.

Организациите на малцинствата во Албанија, не само што не ги признаваат и почитуваат податоците од, како што стои, овој коруптивен попис, туку најавуваат дека ќе се обратат кај сите внатрешни и меѓународни институции и предупредуваат дека еден ваков став врз малцинствата, изграден врз основа на овие податоци, е кусоглед, провокативен и опасен за регионот и Европа.

Декларацијата ја потпишаа Васил Стерјовски од страна на македонското малцинство, Лигораќ Карамело од страна на грчкото малцинство, Танас Почи од страна на влашкото малцинство, Павло Јакоја од страна на српско-црногорското малцинство и Арбен Костури од страна на ромското малцинство.

Според вчера објавените резултати Албанија има 2.891.977 жители, при што како Албанци се декларирале 83,2 отсто или 2.329.715 лица, Грци се 24.361 лице или 0,89 отсто, Македонци 0,2 отсто, Роми и Власи се со по 0,3 отсто. Што се однесува до верската припадност, 57,87 отсто се изјасниле како муслимани, 10,3 отсто католици, 6,8 отсто православни.