1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македoнија очекува поддршка за НАТО

11 мај 2010

Денеска во Берлин се одржува првиот неформален состанок на министрите за одбрана на земјите кои се дел од регионалната команда Север, во мисијата Авганистан. Меѓу присутните се и првите луѓе на македонската одбрана.

https://p.dw.com/p/NL54
Министерот Зоран Коњановски ја предводи македонската делегацијаФотографија: DW

Германското министерство за одбрана и најбезбедниот хотел во Берлин „Интерконтинентал“, се домаќини на конференцијата на која за еднинствената тема - мисијата ИСАФ и Авганистан, попладнево (11.05.2010) се расправа од повеќе аспекти.

„Целта е да размениме мислења за она што е приоритет за НАТО- алијансата за 2010 година, а тоа е безбедносната состојба во Авганистан и заложбата на Алијансата што поскоро да се доизградат капацитетите на авганистанската армија и полиција, како би можеле од средината на 2011 година да почувствуваме поинаква атмосфера во Авганистан. Полека, но сигурно, армиите кои денес учествуваат во ИСАФ да се повлекуваат, да се доизградат капацитетите на авганистанската армија како би можеле сами да се справат со сите безбедносни ризици од тоа подрачје“, изјави за Дојче веле министерот за одбрана Зоран Коњановски, кој ја предводи македонската делегација во Берлин.

250 припадници на АРМ во ИСАФ

Придонесот на Македонија во мисијата во Авганистан датира од 2002 година, кога за првпат неколкумина војници учествуваа во рамките на турскиот контингент. Денес, благодарение на спроведените реформи, состојбата е поинаква, за што Коњановски подвлекува: „Вкупниот број е околу 250 припадници на АРМ, што е огромна контрибуција во однос на големината на земјата. Тоа говори за капацитетите на Република Македонија, за нас како држава - каде се движиме, во кој правец натаму треба да одиме. За нас правецот е јасен, а тоа е - полноправното членство во НАТО“.

ISAF Konferenz in Berlin
Македонската делегација ќе ги чуе плановите на ИСАФ до јули 2011Фотографија: DW

Министерот забележува дека најтешко било да се сочува динамиката на реформите по самитот во Букурешт. Меѓутоа, позитивниот тренд продолжил и денес не се говори дека Македонија има ментори и добива задачи кои треба да ги изврши, туку самоиницијативно се вклучува во многу значајни проекти. Иако формално не е, според обврските и соработката со партнерите, се чувствува како да е полноправна членка на Алијансата. Министерот Коњановски посебно ја истакна поддршката од САД и Германија од кои и во иднина очекува приниципиелна поддршка во однос на полноправното членство на земјата во НАТО. Македонската делегација на маргините на неформалниот состанок ќе има работни средби со претставниците на САД, Норвешка и Албанија.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска